Едно одлично полувреме, недоволно „баделки“ да го изненадат Будуќност

Второто полувреме беше кобно за ЖКК Бадел 1862/Фото: kfsm.mk

Македонскиот женски кошаркарски клуб Бадел 1862 имаше одлично прво полувреме против фаворитот од Подгорица (Црна Гора), но немаше сили за второто и на крајот претрпе втор пораз од Будуќност (59:67).

Дефинитивно и најдобра прва четвртина во која на големиот фаворит му покажаа дека со право се составен дел на ова високо друштво, најсилното регионално натпреварување.

Реализираа двоцифрена предност (24:14) домашните кошаркарки во првите 10 минути. Во оние наредните не само што успеаја да ја задржат, туку ја поместија на уште повисоки (44:33).

Но, по одморот, на теренот во салата „Независна Македонија“ како да беа сосема други екипи. Гостинките направија голем пресврт, во третиот период на „баделки“ им дозволија да реализираат само шест, дадоа 21 поен, доволно за преземање на водството (54:50).

По серијата од 7:1, Будуќност „побегна“ на двоцифрени 61:51 по три минути игра од последната четвртина. Тоа се покажа и како недостижно за домашниот тим во кој Стојановска и Кметовска имаа по 18 поени, но за комплетно изненадување против лидерот, недостасуваше поголема „логистика“ од останатите.

Веќе на 9 феврури, Бадел 1862 ќе игра уште еден натпревар на домашен терен. Во Скопје доаѓа екипата на Војводина 021 од Нови Сад (Србија). На табелата Будуќност е второпласиран со 21 бод, колку што има и водечкиот состав на Цинкарна Целје, додека Бадел 1862 е на последното осмо место со 11 бодови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот