Елајџа Вуд - Фото: Принтрскин/Јујтуб

Ѕвездата од „Господарот на прстените“: Не сакам никој да ја преземе улогата на Фродо додека сум жив и способен

Актерот Елајџа Вуд сè уште не потврдил дали ќе се врати во улогата на Фродо во новиот филм од светот на „Господарот на прстените“ со наслов „Господарот на прстените: Ловот на Голум“, но порача дека не сака некој друг да ја преземе неговата култна улога.

Имено, актерот во неодамнешно интервју за „Сандеј Тајмс“ зборуваше среде гласините дека Лео Вудал би можел да ја преземе улогата на Арагорн во новиот филм.

„Сигурно не би сакал некој друг да го глуми Фродо Бегинс додека сум жив и способен. Сè уште не е официјално објавено, но на една конвенција во август се зборуваше за тоа. Значи, постои добра шанса. Не можам ништо официјално да кажам додека не се објави, но ќе кажам дека сум воодушевен од можноста за уште еден филм. Сите стануваат малку заштитнички настроени и се надеваат дека ќе се задржи нивото на интегритет, но оваа приказна е забавна и возбудлива. Постои вистинско чувство на повторно обединување“, изјави Вуд.

Тој додаде дека се радува и на гледањето на филмот од перспектива на публика, бидејќи смета дека ќе биде многу забавно.

„Исто така, можам да замислам колку ќе биде возбудливо кога ќе седите во кино и ќе го видите шеширот како се врти, а тоа е Гандалф, бидејќи и јас сум обожавател и возбуден сум да видам како сè ќе се спои“, додаде тој.

Студиото „Warner Bros“, првпат го најави филмот во летото 2024 година, со план да се појави во кината во 2026 година. Сепак, премиерата подоцна беше поместена за декември 2027 година.

Филмот го режира Енди Серкис, кој повторно ќе се појави и во насловната улога на Голум.

Вуд претходно, во јануари исто така зборуваше за можниот камбек.

„Не можам ниту да потврдам ниту да негирам. Не смеам баш да потврдам. Многу сум возбуден за филмот. Мислам дека тоа е навистина креативно повторно обединување. Многу од креативните раководители на одделите се вратија и повторно се во тој простор. Едноставно сум многу возбуден“, изјави тогаш актерот.

Тој додаде дека се радува што Серкис ќе режира, бидејќи смета дека е неверојатно соодветен за овој проект.

Филмот го продуцира Питер Џексон заедно со долгогодишните соработнички Френ Волш и Филипа Бојенс, кои работеа и на трилогиите Господарот на прстените и Хобит. Од студиото нагласија дека тројцата ќе бидат вклучени во секој чекор од продукцијата.

Филмот „Лов на Голум“ во кината би требало да пристигне на 17 декември 2027 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот