ДЗС: Угостителите да бидат одговорни, празничните прослави да не се претворат во извор на опасности
Строго се забранува користење на пиротехнички средства и отворен пламен во затворени простории, како и употреба на други опасни материјали спротивно на законските прописи – велат од ДЗС.
Во пресрет на претстојните новогодишни празници, кога традиционално се организираат прослави во угостителските објекти, сопствениците и организаторите на настани мора да бидат одговорни и да ги почитуваат прописите за заштита од пожари, апелира Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Препорачано
-Неопходно е да се обезбедат услови за брза и безбедна евакуација во случај на пожар или друга итна опасност по животот и здравјето на граѓаните. Задолжително мора да се почитува максимално дозволениот број посетители, согласно капацитетот на објектите и важечките законски прописи. Објектите треба да бидат соодветно опремени со исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, која мора да биде лесно и постојано достапна. Коридорите, излезите и патиштата за евакуација треба да бидат чисти и проодни, а излезните врати отклучени и функционални. Истовремено, строго се забранува користење на пиротехнички средства и отворен пламен во затворени простории, како и употреба на други опасни материјали спротивно на законските прописи – велат од ДЗС.
Од Дирекцијата потсетуваат дека персоналот во угостителските објекти треба да биде навремено информиран и подготвен за постапување во случај на итна состојба.
– Почитувањето на овие превентивни мерки не е само законска обврска, туку и морална одговорност на сопствениците и организаторите на масовни настани кон гостите и вработените – истакнуваат од Дирекцијата.


