Џејмс Камерон смета дека преземањето на „Ворнер Брос“ од страна на „Нетфликс“ би било катастрофа: „Кината ќе се затворат“
Џејмс Камерон испратил писмо во кое предупредува дека евентуалната успешна понуда на „Нетфликс“ за преземање на студиото и стриминг сервисот „Ворнер Брос“ би можела да предизвика огромни загуби на работни места, да ја промени кинематографската сцена и сериозно да му наштети на извозот на филмови, пишува „Вараети“.
Препорачано
Познатиот режисер неодамна му се обратил со писмо на сенаторот Мајк Ли, претседател на сенатската комисија за антимонополски прашања. Писмото подоцна било доставено и до телевизиската мрежа „Си-ен-би-си“.
„Цврсто верувам дека предложената продажба на Ворнер Брос Дискавери на Нетфликс ќе биде катастрофална за киноиндустријата на која ѝ го посветив својот живот. Секако, сите мои филмови се прикажуваат и на стриминг платформи, но мојата прва љубов е киното“, напишал Камерон.
Режисерот предупредува дека намалувањето на бројот на високобуџетни филмови – какви што тој создава – би довело до затворање на кината, снимање на помал број филмови и зголемување на невработеноста во индустријата.
„Деловниот модел на Нетфликс е директно спротивставен на кинопродукцијата и прикажувањето филмови, сектор што вработува стотици илјади Американци. Тоа е во спротивност и со деловниот модел на филмската дивизија на Ворнер Брос, едно од ретките преостанати големи филмски студија“, додал тој.
Камерон смета и дека извозот на холивудските филмови би претрпел сериозен удар во случај на спојување на Нетфликс и Ворнер Брос.
„Соединетите Американски Држави можеби повеќе не се водечки во производството на автомобили или челик, но и натаму се светски лидер во филмската индустрија. Тоа би можело да се промени на полошо“, заклучил режисерот.
Сенаторот Ли одговорил дека комисијата добила мислења од актери, режисери и други засегнати страни во врска со предложеното спојување на Нетфликс и Ворнер Брос, додавајќи дека и самиот е загрижен за можните последици.


