Две викендички во Чучер целосно изгореле, волонтерите во Бразда бараат помош во храна и вода
Општината Чучер Сандево прогласи вонредна состојба поради активните пожари на нејзиното подрачје. Ова вечерва го објави градоначалникот Сашко Комненовиќ во видеообраќање до граѓаните на општината и до јавноста. Одлуката, како што рече Комненовиќ, е донесена затоа што состојбата со пожарите и натаму е вон контрола, сериозна и загрижувачка.
Препорачано
„Ситуацијата е сериозна и бара вклучување на сите расположливи ресурси. Пожарот зафати густа нискостеблеста и мешана шума на многу непристапен терен, а силниот ветер дополнително го отежна неговото гаснење“, вели градоначалникот.
Според него, била забележана бавна реакција на надлежните институции за справување и за гасење на пожарот.
„Во вакви моменти секоја минута е важна и пресудна. Мојата цел не е да критикувам,туку да алармирам. Вчера Владата презентираше некаква подготвеност за справување со пожари со ‘хермелините’. Зошто досега не се употребени? Јас на подрачјето на Чучер Сандево забележав само еден ‘хермелин’. Од вчера до сега се уште да не може да се стави под контрола пожарот кај Блаце и Чучер Сандево. Активни се на три потега“, додаде Комненовиќ.
Во меѓувреме, волонтерите пренесуваат дека ситуацијата на терен е драматична – огнот дошол на само 100 метри од куќите во селото Бразда, а жителите со натчовечки напори се обидуваат да го спречат огнот да го проголта селото. Тие бараат помош во храна и вода за волонтерите кои речиси голораки се впуштија во борба со огнената стихија.
Градоначалникот Комненовиќ апелираше на итна мобилизација и најави дека ќе испрати писма до надлежните институции, како Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, како и до невладините организации и до сите други активно да се вклучат во гасењето. Рече дека барал и меѓународна поддршка и добил најава оти ќе биде дополнително контактиран за тоа, но до 13 часот никој не му се јавил.
Комненовиќ информираше и за првите штети што биле забележани од пожарот.
„До овој момент имаме изгорено две викенд-куќи и неколку посеви на жито, но сигурно штетата е далеку поголема. Секако, таа ќе се утврди откако ќе се локализира пожарот, а до тој момент го повикувам пред се населението на смиреност и на активно учество во гасењето“, рече градоначалникот.
ВИДЕО: Драматична состојба во Скопско – 200 волонтери со лопати сами го спасуваат Глуво
Вечерва од Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот кој беснее на територијата на Општина Чучер Сандево, и покрај интензивните воздушни интервенции, сè уште е надвор од контрола.
За утре е планирано акциите за гаснење на пожарот да започнат уште во 5 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од хеликоптери на МВР.


