Двајца кавадарчани се измамени за големи пари во ист ден, на различен начин
Вчера во кавадаречката полиција се пријавени две измами во кои двајца жители на градот останале без слична сума пари – по околу 5.000 евра, соопшти МВР.
Препорачано
Во првиот случај, измамена била 81-годишна жена, а измамникот ја искористил познатата шема со лажен телефонски повик од лекар.
„На 05.03.2026 во 21:00 часот во ОВР Кавадарци, 81-годишна кавадарчанка пријавила дека била измамена за сума од 300.000 денари. Според пријавеното, едно лице ја контактирало телефонски, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка во моментот е во болница со скршеница и треба да се изврши оперативен зафат за што требало да плати. Како што е пријавено, откако се договориле, излегла пред својот дом и парите му ги дала на машко лице, а подоцна сфатила дека е измамена“, велат од МВР.
Во вториот случај во Кавадарци вчера, 56-годишен жител им уплатил 4.900 евра на измамници кои ги нашол преку интернет, откако му ветиле дека ќе биде инвеститор во нивната измислена компанија.
„На 05.03.2026 во 13:30 часот во ОВР Кавадарци, 56-годишен кавадарчанец пријавил дека бил измамен од неколку лица за сума од 4.900 евра. Според пријавеното, тој преку интернет контактирал со лицата, кои се претставиле дека се од странска компанија и го навеле да ги уплата парите на компанијата и на тој ќе инвестира во берза. Како што е пријавено, тој во неколку наврати ги уплатил парите, а подоцна лицата побарале да изврши дополнителна уплата од 10 000 евра за да може да изврши поврат на парите што ги вложил, со што сфатил дека бил измамен“, пишува во полициското соопштение.
Расчистено свирепо убиство во Штип: Грабнал и убил старица, ја закопал во дворот


