Двајца американски инспектори за авокадо нападнати во Мексико
Непознати напаѓачи во мексиканската држава Мичоакан нападнале и привремено задржале двајца вработени во американското Министерство за земјоделство, поради што американската влада ги прекинала инспекциите на пратките со авокадо и манго, изјави вчера американскиот амбасадор во Мексико, а пренесе АП.
Препорачано
Амбасадорот Кен Салазар рече дека нападот се случил додека вработените ги прегледувале авокадата во Мичоакан, додавајќи дека напаѓачите подоцна ги ослободиле. Бидејќи и Соединетите Американски Држави одгледуваат авокадо, американските инспектори во Мексико се обидуваат да се погрижат извезените авокада да не носат болести кои можат да им наштетат на американските култури.
„Со цел да се гарантира безбедноста на нашите инспекциски тимови, АПХИС ги прекина инспекциите на авокадо и манго во Мичоакан додека не се решат безбедносните проблеми“, рече Салазар. Мичоакан е најголемиот извозник на авокадо во Мексико.
Гувернерот на Мичоакан, Алфредо Рамирез Бедола, вчера изјави за мексиканското радио Формула дека инспекторите биле запрени од локалните жители на 14 јуни во име на протест. Тој ја минимизираше ситуацијата, наведувајќи дека никогаш не биле во реална опасност. Тој рече дека ја контактирал американската амбасада следниот ден и дека владините сили внимаваат на безбедноста на производителите на авокадо.


