ДУИ за кривичната пријава против Бектеши: Го осудуваме политички мотивираниот „лов на вештерки“
Откако поранешниот министер за економија Крешник Бектеши доби кривична пријава бидејќи на денот на изборите во мај вршел притисок врз началник во СВР Охрид, од ДУИ реагираат дека овие обвинувања се неосновани и имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници.
Препорачано
– Демократската унија за интеграција ги осудува политички мотивираниот „лов на вештерки“ кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, и ДУИ како политичка организација. Неоснованите обвинувања за „попречување на правдата“ против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со бројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети – се наведува во реакцијата од ДУИ.
Овие дејствија, според ДУИ, се јасен обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од своите, како што велат, катастрофални неуспеси и да го заплаши албанскиот граѓанин, кој со право е огорчен од брзото влошување на неговата позиција од формирањето на оваа влада.
– Ова е отворен обид за политичка одмазда кон партијата која го институционализираше достоинството на албанскиот народ во оваа земја и да го замолкне гласот на албанскиот народ со враќање на заробената држава. Јасно е дека владата со моноетнички легитимитет се обидува да ја прикрие својата неспособност и лошото управување напаѓајќи ги политичките противници. Остануваме решителни и нема да бидеме исплашени од овие кукавички тактики – велат од ДУИ.
Оттаму ја повикуваат меѓународната заедница и медиумите да ги следат ваквите настани.
– Ја повикуваме меѓународната заедница, медиумите и граѓанското општество да ги следат одблизу овие настани и да ја држат Владата одговорна за своите дејствија – велат од ДУИ.
Кривична пријава против Бектеши – вршел притисок врз началник за време на изборите
Ова кривично дело предвидува минимална казна од една година затвор, а максималната, во зависност од тежината на делото и последиците може да биде до 5, 10 или повеќе години затвор.
Министерството за внатрешни работи ја објави оваа информација во дневниот билтен на 25 јули без да прецизира дека станува збор за поранешен висок функционер.
-СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Б.(39) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. На 07.05.2024, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик – се вели во полицискиот билтен.


