ДУИ пратеници Фото: Принтскрин

ДУИ за двојното државјанство ќе ја фаќа власта на кондиција

Има и амандмани со кои се предлагаат различни датуми кога изменетиот закон би можел да почне да се применува. Така, се предлага примената да почне од 3 јануари 2040 година, 4 јануари, 14 јануари, 18 јануари 2040 година…

За ограничување на двојното државјанство, ДУИ ќе ја фаќа власта на кондиција, бидејќи веќе поднеле околу 170 амандмани за да ги блокираат измените на Законот за пратеници, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, според кои, доколку бидат усвоени, пратениците ќе мора да имаат само македонско државјанство. Но, на владејачките пратеници не им се брза откако премиерот Христијан Мицкоски сугерираше прво да се утврди дали предлогот не се коси со Уставот.
Иако беше закажана седница, во Собранието не заседаваше Законодавно-правната комисија на која требаше да почне амандманската расправа за укинување на двојните државјанства.
Мицкоски, пак, откако шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова и дел правни експерти порачаа дека нема уставни пречки за да се усвојат измените на Законот, не само што ќе го поддржи укинувањето на двојното државјанство за пратениците, туку ќе го поддржи и предлогот на СДСМ, освен пратениците, и министрите односно сите избрани и именувани функционери да имаат само македонско државјанство.

– Ако правно-уставните експерти велат дека нема никаков проблем, тогаш апсолутно го поддржувам. Немам двојно државјанство, ниту, пак, имам намера да имам. Моето државјанство е македонско. И да, нека се прошири (опфатот – н.з) ако тоа го дозволува законот и Уставот, јас немам против – рече вчера Мицкоски.

Христијан Мицкоски Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Еден од петте закони за кои нема временско ограничување

ДУИ може со амандмани да ги блокира измените, бидејќи Законот за пратеници е еден од петте закони за кои нема временско ограничување на расправата, односно може да се примени т.н. филибастеринг. ДУИ е против укинување на двојните државјанства, бидејќи сметаат дека тоа ќе е на штета на албанската дијаспора.

– Голема е бројката на дијаспората во САД, во европските држави и во Австралија, а со овие измени се исклучува можноста тие граѓани да дојдат и да придонесат за развој на државата. Ова е продолжение на укинувањето на нерезидентните државјани и сметаме дека со ова дополнително се дискриминираат – рече пратеникот на ДУИ Блерим Беџети.

Од ДУИ велат дека ако „попуштат“ на кондиција со амандманите во законодавно-правната комисија, блокада планираат и во Комитетот за односи меѓу заедниците, каде што имаат намера да ја префрлат дискусијата за укинувањето на двојните државјанства.

– Пред да се гласаат на пленарна седница измените на Законот за пратеници, ќе инсистираме за нив да расправа Комитетот за односи меѓу заедниците, односно Комитетот да утврди дали е потребно и Бадентерово гласање. И тука расправата нема ограничување и можна е блокада на Законот – велат од ДУИ.

Меѓу 170-те амандмани поднесени од „интегративците“ и од независниот пратеник Бејџан Иљас има и суштински, но и технички амандмани за одолговлекување на расправата. Дел од амандманите предложени од Иљас се, на пример, по донесувањето на измените на Законот за пратеници, односно пратениците да имаат само македонско државјанство, да мора да се усогласи со Изборниот законик за 30 дена. Со други амандмани, усогласување се бара за 72 дена, за 87, па за 103, 104, 118 дена итн. Или, пак, амандмани со кои се предлагаат различни датуми кога изменетиот закон би можел да почне да се применува. Така, се предлага примената да почне од 3 јануари 2040 година, 4 јануари, 14 јануари, 18 јануари 2040 година…
Со дел од амандманите предложени од ДУИ, пак, се бара само македонското државјанство да се применува по истовременото влегување во сила на измените на Изборниот законик со кои условот за едно државјанство ќе биде воведен и во него.

„Министерот за правда е должен да поднесе координирани предлог-законски измени на Изборниот законик во рок од 60 дена“, пишува во амандманот.

Пасоши Фото Профимедија

Друг амандман предлага дека Собранието е должно во рок од 60 дена да поднесе предлог-законски измени со кои условот за едно државјанство ќе биде воведен и за претседателот на Републиката, за членовите на Владата, за судиите на Уставниот и на Врховниот суд, Јавниот обвинител, Народниот правобранител и директорите на државните агенции. Односно, дека до донесувањето на тие измени, условот за едно државјанство нема да стапи на сила ни за пратениците.
Има предлог-амандман, според кој, „партија или лице што во јавноста тврди дека конкретен пратеник поседува второ државјанство, без претходна официјална верификација до надлежен орган, е должно да обезбеди официјален доказ во рок од 15 дена. Ако официјален доказ не се обезбеди во тој рок, тврдењето се смета за клевета во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда“.

Барања за меѓународно посредништво

Необичен е и амандманот со кој се бара Собранието во рок од 30 дена да организира јавна расправа со задолжително учество на Уставниот суд, Народниот правобранител, Државната изборна комисија, академската заедница, граѓанскиот сектор и на претставниците на националните малцинства, а извештајот да се достави до Собранието и до Венецијанската комисија за мислење и до добивањето на мислењето од Венецијанската комисија, примената на едно државјанство да биде во мирување.
ДУИ предлага и МВР во рок од 30 дена, по налог на ДИК, да ја провери официјалната состојба на државјанствата на сите актуелни пратеници. Според ДУИ, условот за едно државјанство не може да се применува на начин што дискриминаторски ги погодува припадниците на заедниците што со закон имаат право на двојно државјанство. Законот да важи за следниот парламентарен состав, или, пак, законот да важи и за актуелните пратеници. Пратеници во актуелниот состав се должни во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да дадат изјава заверена на нотар под полна морална, материјална и кривична одговорност дека поседуваат само државјанство на Република Северна Македонија. Ако пратениците не го сторат тоа, им престанува мандатот по сила на закон.
Еден од амандманите предвидува Владата во рок од 90 дена да поднесе до Собранието предлог за системска реформа на условите за носители на јавни функции кој ги опфаќа сите три власти и да се обелоденат државјанствата на функционерите, а и да се утврдат механизми за верификација, санкции за неточни изјави и независен надзорен орган.

Мицкоски: Ќе нема политичка криза, дури и СДСМ да бојкотира

Премиерот Мицкоски смета дека ќе нема политичка криза ако СДСМ реши да го бојкотира Собранието, по најавата на опозицискиот лидер Венко Филипче дека ќе ја напуштат работната група за подготовка на Изборниот законик ако се укине техничката влада.

– Нема да има политичка криза ако СДСМ го напушти Собранието, ниту застој на реформскиот процес. Тие тоа го кажаа и тоа е нивна одлука и јас тука не можам да се мешам – рече Мицкоски.

Тој, како што рече, од „најавите на еден пратеник на СДСМ“, може да се очекува да го напуштат и Собранието.

– Може ќе ги бојкотираат и следните парламентарни избори за ова раководство на СДСМ да остане и да продолжи да биде раководство. Но, тоа е нивен избор. Ако некој одлучил да се маргинализира од политичката сцена, јас не можам тука да го спречам – рече премиерот.

Нема уставна пречка за забрана на двојното државјанство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот