Државниот Инспекторат работи засилено, но Владата токми смена на Петровска?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ќе биде ли изгласана одлуката за разрешување на Петровска поради внатрепартиски конфликт во ДОМ, а за да се сочува парламентарното мнозинство

На попладневната седница на Владата се очекува да биде изгласана одлука со која ќе биде разрешена досегашната директорка на Државниот Инспекторат за животна средина, Ана Петровска, која на тоа место беше од октомври минатата година.

Иако нема официјална потврда за тоа, овој потег на премиерот Зоран Заев може да се очекува поради потребата за зачувување на парламентарното мнозинство на кое му припаѓа и единствената пратеничка од партијата ДОМ, претседателката на таа партија Маја Морачанин, по внатрепартискиот конфликт во кој таа ги разреши и Петровска и екс-пратеникот Мирослав Богдановски од раководството на партијата.

Несогласувањето на крилото на кое му припаѓаат Петровска и Богдановски со методите на претседателката придонесе ДОМ да изгуби еден пратеник – Богдановски пред еден месец го врати пратеничкиот мандат и се врати на чело на Инспекторатот на Град Скопје.

По доаѓањето на Петровска на чело на Државниот Инспекторат за животна средина, евидентно е зголемено присуството на инспекторите за животна средина на терен што го покажуваат и бројките нареализирани се инспекциски надзори -1.132 наместо планираните 866 инспекциски надзори, или 30% повеќе од планираното. Во Во периодот јануари-јуни 2021 година2021 година се реализирани 185 надзори повеќе од 2020, односно забележан е раст од 20%, соопшти Петровска на денешната прес-коференција, презентирајќи ги резултатите од работењето на ДИЖС.

Утврдени се 363 неправилности/законски повреди, за кои се издадени Решенија за нивно отклонување. За споредба, во истиот период во 2020 година се утврдени само 120 неправилности, или во 2021 година е забележано зголемување од 203%. Покренати се 43 прекршочни постапки, од кои 36 санкции се глоба-платен налог, а исто така покренати се 2 (две) кривични постапки. Во шест-месечниот извештај за 2020 година не се воопшто презентирани преземените казнени мерки и затоа не направивме споредба.

Во 2021 година во споредба со 2020 година бил зголемен бројот на вонредни (220 наспроти 126, или 75%) и контролни надзори (171 наспроти 71, или 138%), и покрај тоа што во овој период тројца од вкупно 19 инспектори не вршеле надзори бидејќи еден инспектор е на неплатено отсуство, а од април еден инспектор е суспендиран заради сомнеж за поткуп, додека пак еден инспектор од 6 месеци 5 месеци бил на боледување.

За засилените активности на Државниот Инспекторат, чиешто име со години се поврзуваше со неефикасна контрола на загадувачите во државава, но и со сомнежи за корупција, изминативе десетина месеци честопати известуваа медиумите.

Случаите со Пејпер Мил во Кочани, одземената концесија за црпење песок на Пчиња кај Коњари, кривичните пријави за уништувањето на брегот на Охридското езеро кај Даљан, трските кај Струга, малите хидроцентрали, опасниот мазут во Дебарското езеро се само некои од случаите на кои работеше ДИЖС откако Петровска застана на чело на оваа институција.

Беше формиран и профункционира Граѓански инспекциски совет, со цел Инспекторатот да ја координира и насочува својата работа според укажувањата на еколошките здруженија кои најдобро ги познаваат работите на терен.

Петровска за Слободен Печат рече дека не би ги коментирала овие неофицијални информации за своето сменување од позиција директорка на ДИЖС додека не се изјасни Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот