Државата нема абер да покрива дел од трошоците за лекување на приватно

Скопје, октомври 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Приватните болници во земјава продолжуваат да наплаќаат високи цени за тестирање за ковид-19, како и за хоспитализација на болните од коронавирус. Сумите за хоспитализација достигнуваат и до 20.000 евра, во зависност од тоа колку дена пациентот ќе помине во болнички кревет.

И покрај тоа што здравствените власти најавија дека е можно да се создаде еден вид јавно-приватно партнерство меѓу државата и приватните клиники и лаборатории, сепак на терен цените остануваат непроменети.

Како што дознаваме, приватните болници деновиве одржуваат состаноци на кои ќе дискутираат самоиницијативно да ги намалат цените за тестирањето, поради тоа што, како што велат, сакаат да демонстрираат општествена одговорност.

Шест милиони евра се слеале во касите на приватните лаборатории

Засега здравствените власти се обидуваат да ги зголемат болничките капацитети преку најразлични преадаптации на одделенијата, преку повторно претворање на ГОБ „8 Септември“ во ковид-центар и преку распределба на кадарот со ротации.

Податоците на Институтот за јавно здравје говорат дека 110 илјади луѓе не чекале ред во државните пунктови за да се тестираат. Причината е што редот се чека и по цела недела, па на граѓаните не им се исплати да го доведуваат своето и здравјето на своите семејства во ризик и плаќаат тест на приватно, кој е поскап од референтната цена на Фондот за здравство што изнесува 1.850 денари. Така, досега дури шест милиони евра се слеале во приватните лаборатории што вршат испитување на Сарс-Ков 2, затоа што граѓаните или брзале да го направат тестот, или немало слободни термини преку матичните лекари и „Мој термин“.

На приватно од март до денеска се направени 114 илјади тестови, а средната цена на еден тест е 3.000 денари. За експресни резултати готови за два часа, се плаќа и по 12.000 денари на приватно. Поради службените или приватните патувања, во земји што бараат негативниот резултат да не е постар од 48 часа, граѓаните немаат како да се вклопат во државниот систем за тестирање и мора да плаќаат приватно.

Министерот за здравство Венко Филипче поради негодувањето на јавноста дека цените се превисоки за тестирање на приватно, апелираше клиниките и лабораториите да ги намалат цените за тестирање и да се откажат од профитот во време на пандемија.

И покрај тоа што во изменетиот Закон за заштита на населението од заразни болести предвидена е можноста ФЗОМ да го покрива болничкото лекување за пациентите заразени со коронавирус кои поради немање капацитет на државно ќе мора да се хоспитализираат во приватна болница, сепак оваа опција засега за никого не е достапна, зашто места во државните клиники уште има.

Лицата заболени од ковид-19 само по исклучок ќе се лекуваат и изолираат во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење дејност на интензивна нега и терапија или во домашни услови доколку за тоа постојат услови.

Друг услов за некој да биде примен да се лекува во приватна болница, според изменетиот закон, е да се појави дефицит на здравствен кадар во државното здравство или со посебна дозвола од Министерството.

Видео на денот