Германската амбасадорка Дрекслер / Фото МИА

Дрекслер: Идната влада треба да ја продолжи јасната стратешка насока и да ги спроведе потребните чекори на патот кон ЕУ

Германија е свесна за големите напори што ги презеде Северна Македонија во пристапниот процес кон Европската Унија. И да, можам да разберам дека искуствата од овој процес имаат последователен ефект во општеството. Сметам дека ќе стане проблем тогаш кога скепсата ќе помине во резигнација. Понекогаш имам впечаток дека, довербата во ефикасноста на политичкото дејствување во земјата во целина е ниска. За да се поврати таа доверба за оние што во иднина ќе ја понесат политичката одговорност за земјава ќе важи, најавените реформи и ветувања сега паметно и енергично да ги претворат и во дела, порача германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер.

Во интервју за 360 степени, на прашањето дали може да се бара и очекува да се добие она што го бара ВМРО-ДПМНЕ, промена на условите и гаранции на т.н идентитетски прашања, за да ги поддржи уставните измени, амбасадорката Дрекслер посочува на предочувањето во континуитет изминатиот период од нивна страна, за постоечката Преговарачка рамка.

-Мислам дека од германска страна постојано предочувавме колку многу ги цениме македонскиот идентитет македонската култура, и македонскиот јазик. Тоа го нагласи уште еднаш и Бундестагот, минатата година со резолуција. И мислам дека токму преку пристапниот процес со ЕУ, македонскиот јазик доби особено на значење и надвор од своите граници. Истовремено, исто така јасно Северна Македонија со сите земји, членки на ЕУ, се спогоди за преговарачката рамка, за пристапните преговори со ЕУ. Оваа преговарачка рамка, е утврдена и туѓа спаѓа и спроведувањето на уставните промени, посочува Дрекслер.

Амбасадорката на Германија зборува за постизборните предизвици со кои е соочена државата. На прашањето дали промените на политичката сцена кои ги донесоа изборите и дали тоа нешто менува во односот на Германија кон земјава, таа се осврнува на сојузништвото и партнерството на Северна Македонија и СР Германија и тесната поврзаност на двете земји.

-Најпрвин нашите две држави ги поврзува сигурно партнерство како сојузници, во НАТО сме тесно поврзани, потоа преку поврзаноста на нашите економии, преку тесна размена на сите нивоа на нашите општества, на пример, и преку нашите парламенти. И секако сакаме да имаме блиска соработка и со идната влада, на Северна Македонија, што допрва треба да се формира. Ќе биде важно дали идната влада ќе ја продолжи јасната стратешка насока во надворешната политика на земјата и дека решително и доверливо ќе ги спроведе потребните чекори на патот кон ЕУ, вели Дрекслер.

Таа посочува и дека државата може да се потпре на понатамошната поддршка на Германија.

Во однос на тоа дека новата претседателка Гордана Силјановска Давкова, а и ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека усно не мораат да го користат уставното име на државата, амбасадорката појаснува дека Преспанскиот договор е обврзувачки договор, според меѓународното право и тој важи.

-И Северна Македонија е обврзана на него. И мислам дека е многу важно за позиционирањето како доверлив партнер, во меѓународната заедница, да не се појави сомнеж, дека обврзувачките договори според меѓународното право ќе бидат почитувани и од идната влада,посочи таа.

На прашањето дали ако во некоја ситуација земјава остане блокирана, на патот за членство во ЕУ, постои можност за зголемено западно влијание во Северна Македонија и кои би биле последиците од такво нешто, амбасадорката Дрекслер, посочува дека местото на Северна Македонија е во ЕУ.

-Северна Македонија, земјите од Западен Балкан, припаѓаат во ЕУ. Ние не сакаме и не можеме да си дозволиме сиви зони во Европа. Сакаме заедно да работиме на тоа нашата ЕУ, да биде уште посилна. Сосема е јасно, за нас Северна Македонија припаѓа во ЕУ,истакнува Дрекслер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот