Драстично е намалена употребата на кесите за еднократна употреба

Најлонски кеси / Фото: МИА

Во моментот на пазарите „слободно“, висат пластични кеси, а на големо може да си купите 100 парчиња за 200 денари, додека „потенките“ чинат 120 денари

За над 80 проценти е намалена употребата на пластичните кеси за еднократна употреба, но јасно е дека без драстични казни, ниту производителите, а ни трговците нема засекогаш да се откажат целосно од нив, брифираат за „Слободен печат“ претставници на еколошките друштва. Борбата со пластиката трае од 2013 година, кога беше донесен Законот за управување со пакување и отпад од пакување и кој предвидуваше забрана на употреба на пластични кеси. Од пред две години, имаме нов закон, со иста забрана, кој навистина „исчисти“ сериозен дел од пластичните кеси, кои ја загадуваа животната средина и летаа на сите страни, но навиките тешко се менуваат. Ана Каранфиловска Мазневска, раководителка на Секторот за отпад при Министерството за екологија, вели дека пластиката има најголемо учество во вкупниот отпад, но ставовите дали треба целосно да се откажеме од неа се спротивставени. На една страна се производителите и социјалниот момент, а на друга страна се екологистите, кои се залагаат за целосно исфрлање на еднократната пластика од употреба. Како и да е, Каранфиловска Мазневска додава дека државата нема да отстапи од зацртаното – да ги следи европските регулативи и да го намали пластичниот отпад.

Но, професорката од ТМФ Јадранка Блажева Гилер, која е еден од изготвувачите на новиот закон за управување со отпадот, вели дека е просто неизводливо сосема да се откажеме од употребата на пластиката.

-Добро е што се движиме кон целосно укинување на кесите, кои беа во масовна употреба и со кои бевме затрупани, поради лесниот и евтин пристап до нив. Но, пластиката ни е потребна во пакувањето, а потребни се нови технологии и суровини што ќе се користат во производството на биоразградливите кеси – додава Блажева Гилер.

На прашањето дали верува дека навистина постојат биоразградливи кеси, професорката одговара дека „постојат, но нивната издржливост е дискутабилна“.

Екологистите се драстично против употребата на еднократната пластика, која според нив е дизајнирана за да не може да биде реупотребена, сортирана и рециклирана, а освен за енормно натрупување отпад, не е корисна за ништо друго. Во меѓувреме, траен е отпорот на трговците кон хартиените кеси, а на пазарите не сакаат ни да слушнат да пакуваат емиш и зарзават во нив. Во моментот на пазарите „слободно“ висат пластични кеси, а на големо може да си купите 100 парчиња за 200 денари, додека „потенките“ чинат 120 денари. Домашните производители на пластични кеси се револтирани, бидејќи секаде во светот се оди на рециклажа, а само кај нас има забрани и затворање на фирмите. Од некогашните триесетина производители, забраната ја „преживеаја“ само десетина.

Целосното исфрлање на пластиката за една употреба е еден од главните приоритети на Европскиот парламент, кој во 2019-та ја донесе Директивата, која стапи на сила во јули 2021. ЕУ забрани 10 производи од пластика за една употреба: пластичните чинии, приборот за јадење, сламките, лажичките за кафе, стапчињата за балони, чепкалките за уши, како и чаши и садови за храна и пијалаци изработени од експандиран полистирен (попознат како стиропор). До 2029 година пластичните шишиња ќе мора до 90 проценти да бидат направени од рециклирачки материјали.

Од 1 јануари до 1 декември 2021 година биле продадени или бесплатно поделени повеќе од 27 милиони парчиња пластични кеси, а од 31 декември 2021 година кога почна да се применува законот до 30 октомври 2022 година, таа бројка се свела на околу 4,5 милиони вакви кеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот