Плакат за гостувањето на Драмскиот театар во Јужна Кореја

Драмскиот театар од Скопје со претставата „Кармен“ учествува на фестивал во Јужна Кореја

Со монодрамата „Кармен“, Драмскиот театар на 17 март ја отвора официјалната програма на фестивалот на монодрама (Seoul International Monodrama Festival 2026) во Сеул, Јужна Кореја. Фестивалот се одржува од 17 до 26 март во организација на театарот „Samilro Changgo“ од Сеул, известија од Драмскиот театар во Скопје.

Овој театар е историски исклучително важен „мал театар“ кој се смета за центар на алтернативната и современа сцена во Јужна Кореја. Со меѓународниот фестивал посветен на монодрамата како специфична и исклучително предизвикувачка сценска форма, театарот успешно се позиционира на светската театарска мапа.

Со внимателно селектираната програма, фестивалот го потврдува значењето на монодрамата како силна и современа форма на театарски израз, која преку актерот како единствен носител на дејството успева да отвори универзални теми и длабоки човечки приказни.

Фестивалската публика, освен македонската претстава, ќе може да проследи осум претстави од Јужна Кореја, Полска, Јапонија, Романија и Италија, што ќе понудат разновидни уметнички пристапи, современи сценски јазици и иновативни актерски изрази.

Монодрамата „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.

Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија. Во Сеул ќе биде 49. изведба на монодрамата, која публиката потоа ќе може да ја проследи и на редовниот репертоар на Драмскиот театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот