Неочекуван застој на Монт Еверест — огромен глечер ја блокираше патеката на алпинистите
Искачувањето на највисокиот врв на светот, Монт Еверест, во моментов е во целосен прекин поради нестабилен блок од лед, висок околу 30 метри, кој се појави на рутата помеѓу Базниот камп и Кампот 1. Оваа пречка доаѓа во критичен момент, токму кога започнува главната сезона за качување на Хималаите, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Специјализираните тимови од Непал, познати како „ледени доктори“, чија задача е да ги поставуваат јажињата и скалите низ опасниот ледопад Кумбу, со денови не можат да најдат начин да ја заобиколат оваа огромна ледена формација (серака). Тие изјавија дека во моментов единствена опција е да чекаат ледот природно да се стопи или да се урне, што се надеваат дека ќе се случи во следните неколку денови.
Поради овој застој, подготовките доцнат неколку недели. Познатата непалска алпинистка и фотографка Пурнима Шреста, која се подготвува за своето шесто искачување, за „Би-би-си“ изјави дека оваа ситуација може да предизвика фатални „сообраќајни метежи“ во сезоната.

„Доцнењето со отворањето на рутата предизвикува загриженост дека сите алпинисти ќе се обидат да стигнат до врвот во многу краток временски период, штом се отвори временскиот прозорец“, вели Шреста.
Непалскиот Оддел за туризам разгледува екстремни мерки за да се надмине пречката.
И покрај зголемените цени на дозволите, кои оваа година изнесуваат 15.000 долари за странци и глобалните тензии, интересот за Еверест останува огромен. Досега се издадени 367 дозволи за качување, а најголемиот број алпинисти доаѓаат од Кина. Поволни временски услови се очекуваат само до крајот на мај, па секој изгубен ден на планината ја зголемува нервозата кај стотиците алпинисти кои чекаат во Базниот камп.


