Драма во Саудиска Арабија: Роналдо одбил да игра за Ал-Наср
Во саудискиот фудбал се случува вистинска драма, а во центарот на вниманието е најголемата ѕвезда на лигата, Кристијано Роналдо. Португалецот наводно одбил да настапи за Ал-Наср на натпреварот против Ал-Ријад, а причината не е повреда, туку отворен бунт против Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (ПИФ), кој управува со клубот, пренесува „ЕСПН“.
Препорачано
Роналдо, кој неодамна го постигна својот 961. гол во кариерата е исклучително незадоволен од последните потези на Фондот. Според извори блиски до клубот, капитенот на Ал-Наср е фрустриран од начинот на кој ПИФ го води клубот, особено ако се направи споредба со третманот што го имаат ривалите кои исто така се под капата на истиот инвестициски фонд.
Неговото незадоволство најмногу се однесува на недостатокот од вложувања во тимот, а како доказ се наведува фактот дека единственото засилување во зимскиот преоден рок бил 21-годишниот играч од средниот ред Хајдер Абдулкарим од Ирак. Дополнителни тензии предизвика и одлуката, донесена на почетокот од месецот, да им се „замрзнат“ овластувањата на двајцата португалски директори во клубот, Симао Кутињо и Жозе Семедо.
На Роналдо особено му пречи тоа што неговиот вечен ривал Ал-Хилал, кој моментално е лидер во шампионатот, има значително поголемо влијание и неспоредливо повеќе инвестира во засилувања. Како пример, Ал-Хилал на Фиорентина ѝ исплатил два милиони евра за дефанзивецот Пабло Мари, а договорена е и зделка вредна 30 милиони евра за младиот француски напаѓач Кадер Меите од Рен.
Екипата предводена од италијанскиот стратег Симоне Инзаги работи и на финализирање на трансферот на Саимон Буабре од Неом, за дополнителни 30 милиони евра. Како кулминација на амбициите на Ал-Хилал се најавува и речиси сигурното доаѓање на Карим Бензема, кој ќе го напушти Ал-Итихад за да му се приклучи на актуелниот лидер во првенството.
Бојкотот на Роналдо не е прв знак на незадоволство во клубот. Уште во средината на јануари, тренерот Жорже Жезус јавно изјави дека неговиот сегашен клуб „нема политичка моќ како Ал-Хилал“, екипа која претходно ја водеше. Таа изјава предизвика силни реакции во саудискиот фудбал, а Ал-Хилал дури побара суспензија за португалскиот тренер во траење од шест месеци до една година.
Треба да се нагласи дека 40-годишниот Роналдо нема никакви физички проблеми и не е изоставен од тактичките планови на тренерот Жезус. Неговиот изостанок е исклучиво од лична одлука со што се демантираа и првичните шпекулации дека се работи за одмор пред дербито со Ал-Итихад, кое е закажано за петок, 6 февруари.
Со 17 постигнати голови, Кристијано Роналдо е втор стрелец во лигата, додека Ал-Наср моментално се наоѓа на третото место на табелата со 43 бодови, исто колку и второпласираниот Ал-Ахли. Лидерот Ал-Хилал им бега со три бода предност.


