Обвинетиот Денис Асанов (74) / Фото: ТВ М-Нет / Фејсбук / скриншот

Доживотен затвор за штипјанецот кој ја убил пријателката, го распарчил трупот и го закопал во двор

На доживотна казна затвор е осуден штипјанецот Денис Асанов, кој лани ја убил неговата пријателка, нејзиниот труп го распарчил и го закопал во дворот. Судијката, Јулијана Недкова денеска во Основниот суд во Штип го прогласи за виновен и ја објави пресудата за 74-годишниот Асанов за смртта на 79-годишната Борјанка Николова од Штип.

Дел од нејзиниот труп беше пронајден во дворот од неговата куќа, а останатите делови од телото не беа пронајдени, иако полицијата, заедно со штипското комунално претпријатие „Исар“ бараа и на депонијата „Трештена скала“ во Штип.

Во завршните зборови обвинителката од Основното јавно обвинителство-Штип побара казна согласно законот, бидејќи 74-годишниот Денис Асанов ја убил 79-годишната Борјанка Николова, а пак неговата одбрана тогаш побара ослободителна пресуда и тврдеше дека Асанов е невин.

Според Обвинителството, Асанов го извршил грозоморното убиство на жена, при што на еден монструозен и немилосрден начин ја убил оштетената и со остар предмет и ги отсекол главата и нозете, а трупот со рацете го закопал во дворот на неговата куќа, додека главата и нозете ги фрлил на непознато место.

За бранителката Елизабета Панева доказите не се доволни и не даваат јасна слика за тоа како е извршено злоделото. Во завршните зборови посочи дека отсуствуваат докази, со што се отвара простор за сомнеж во вината на обвинетиот. Таа побара домашен притвор и ослободителна пресуда за обвинетиот.

Убиството е извршено лани, а по обдукцијата е утврдено дека жртвата Николова имала скршени осум ребра и тешки повреди на градниот кош, најверојатно од силен притисок. Телото било пронајдено две недели по смртта.

Асанов лани пред истражните органи првично признал вина, но подоцна пред Судот ја смени изјавата, тврдејќи дека телото го пронашол во куќата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот