Доставувачите апелираат: Нема да ви ги доставиме нарачките ако оставате погрешни адреси и телефонски броеви
Во овој процес, приватните пошти зазедоа сериозна улога во услужувањето на потребите на граѓаните, а според статистиките, „Еко логистик сервис“ (ЕЛС) доставува повеќе од 70 отсто од сите направени онлајн нарачки во земјава. Овој месец или на почетокот на следниот, во Македонија ќе пристигне и првата пратка од „Шеин“
Оставањето погрешни адреси, телефонски броеви и други податоци не оди во прилог на брзата достава на нарачките, порачува Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“ (ЕЛС), компанија лидер во поштенскиот сектор, која ги поседува сите меѓународни и домашни лиценци. Тој вели дека онлајн трговијата бележи сè поголем раст во светот и во земјата, а тоа е последица по ковид-пандемијата.
Препорачано
Во овој процес, приватните пошти зазедоа сериозна улога во услужувањето на потребите на граѓаните, а според статистиките, ЕЛС доставува повеќе од 70 отсто од сите направени онлајн нарачки во земјава. За сигурноста на онлајн купувањето, Гешовски ги советува граѓаните да работат само со сигурни и сертифицирани компании. Според него, поштата е провајдер, односно таа не е одговорна за тоа што се праќа или прима. Директорот на ЕЛС најавува и дека овој месец или на почетокот на следниот во Македонија ќе пристигне и првата пратка од „Шеин“.
– Без онлајн купување, нема достава на ваков вид пратки, и обратно, без добра и квалитетна достава со безбедносен код, нема квалитетна, сигурна и брза достава. Целосно ја преземавме доставата на пратките на „Алиекспрес“, а доставуваме и најголем дел од пратките на „Тему“. „Еко логистик“ се вклопи во новата стратегија на „Алиекспрес“ доставата да ја прави преку приватни пошти. Први и почнавме, а сега месечно носиме по 500 илјади пратки со таргет да стигнеме до 1 милион пратки до крајот на годината. Во моментот, првото ниво на достава е до 22 евра, износ до кој пратките се ослободени од давачки, а се очекува да почне второто ниво, со ниво на достава до 90 евра плус ДДВ – вели Гешовски.
Тој откри и дека покрај кинеските платформи, се очекува влез и на американски и европски, а скоро време ќе почне и доставата на производи од светскиот текстилен бренд „Шеин“.
Гешовски најавува нова платформа на која ќе бидат понудени и македонски атрактивни производи, кои иако не се многу на број, сепак може да го привлечат вниманието на купувачите. Компанијата вработува околу 500 лица, од кои 250 се од аутсорсинг компании, кои добиваат возила од ЕЛС.
– Постојано се шириме со нови капацитети и нови логистички центри, вработуваме нови луѓе, дејствуваме партнерски, имаме одлична можност за бизнис-модел, им даваме на луѓе разработен бизнис, кој гарантирано носи значителна добивка – објаснува Гешовски и укажува дека во земјава циркулираат и српски и косовски приватни пошти.
Директорот на ЕЛС најавува проект за достава на пратките во рок од два дена на целата територија на државата, а доколку тоа не се исполни, компанијата ќе ги сноси трошоците. Наскоро ќе бидат поставени специјални шкафчиња во кои ќе може да се оставаат и да се подигаат пратките.
Гешовски вели дека има многу сива економија во поштенскиот сообраќај и тоа државата треба побрзо да го регулира, а тоа се однесува и на начините за плаќање.
– Светот е веќе променет, продавниците доаѓаат кај луѓето, а не луѓето во продавниците. Растот на овој пазар кај нас е 30 проценти. Граѓаните сè повеќе немаат време да талкаат по дуќаните, да бараат и да плаќаат скап паркинг, кога работата може брзо и ефикасно да ја завршат онлајн. Имаме современи повикувачки центри, сериозна поддршка, следење на секоја позиција на пратка, замена и брза реакција – поентираше Гешовски.


