Доктори, лекари / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Дошла новата директорка, па вработената од итна помош ја префрлила во очно, зашто синот ѝ членувал во другата партија

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека е сторена директна дискриминација врз основа на политичко уверување врз вработена во здравствениот сектор во земјава. Вработената се пожалила дека кога дошла новата директорка на функцијата, веднаш ја прераспределила од службата за итна помош во службата за офталмологија. Решението за распоредување било донесено без образложение, без наведена потреба и без утврден временски период. Таа го оспорила решението пред надлежната второстепена комисија која го поништила.

Но и покрај тоа, установата не ја вратила на старото работно место, туку продолжила да работи на офталмологија. Потоа подносителката побарала да користи годишен одмор, што не ѝ било дозволено зашто „имала неискористени слободни денови од прекувремената работа“.

Во претставката таа навела дека таа и директорката на установата членувале во различни политички табори. Во оваа насока во претставката е наведено дека причина за таквото постапување кон неа е и фактот што нејзиниот син има директно политичко учество.

Подоцна уште една вработена испратила претставка до Комисијата за спречување дискриминација за идентична правна ситуација како и првата жена.

Во втората претставка се наведува дека во септември 2024 година по назначувањето на новата директорка биле донесени решенија за преместување на втората вработена во друго одделение. И таа членувала во политичка партија што не е владејачка.

Второстепена комисија го поништила прераспределувањето, но и покрај тоа, вработената 50 дена не била вратена на своето претходно работно место поради што извршувала работни задачи без писмено овластување, што е сериозен пропуст со оглед на природата на работата во здравствена установа.

И на неа не ѝ било одобрено да користи годишен одмор, а како причина било наведено дека „има неискористени слободни денови по основ на прекувремена работа“.

Од здравствената установа до Комисијата за спречување дискриминација доставиле одговор дека распределувањето било согласно организациските потреби на здравствената установа, дека било потребно формирање 5 тимови за кои пари се добиваат од Фондот за здравство за општината до 30 илјади жители.

Здравствената установа одговорила и дека кога трудовата инспекција ги констатирала прекршувањата што на вработените не им бил даден годишен одмор – тоа било исправено.

Комисијата за спречување дискриминација утврди дека во конкретниот случај постои директна дискриминација кон подносителките врз основа на нивната политичка припадност.

Двете членуваат во политичка партија која е различна од владејачката и постои директна политичка инволвираност на член на потесното семејство на една од подносителките, односно нејзиниот син. Овие околности, разгледани во контекст на настаните во установата, претставуваат дополнителни индиции кои ја засилуваат веројатноста дека неповолниот третман кон подносителките е поврзан со нивната политичка припадност или политичко уверување, пишува во мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На директорката Комисијата ѝ препорача да ги врати вработените на претходните работни места кои одговараат на нивните квалификации и работно искуство во рок од 30 дена, во иднина да им овозможи да користат денови од годишен одмор и да се воздржи од преземање дејствија кон вработените што може да доведат до дискриминација особено врз основа на политичка припадност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот