Донгмо пред реваншот против Лозана: Најсилната страна на Вардар е средниот ред
Фудбалерите на Вардар се подготвуваат за реваншот од второто квалификациско коло во Лигата на конференциите на УЕФА против Лозана на гости в четврток (31 јули) од 20.15 часот.
Препорачано
„Црвено-црните“ победија во првиот меч во Скопје со 2:1, атмосферата во екипата предводена од тренерот Гоце Седлоски е на високо ниво.
Победникот од овој двомеч во третото квалификациско коло ќе игра против подобриот од натпреварите меѓу Астана и Зимбру каде по првите 90 минути резултатот е 1:1.
– Првиот натпревар беше одличен, мора да го повториме истото и да победиме во Лозана, за влез во следното коло. Мислам дека најсилната страна на Вардар е средниот ред. Ако ја добиеме битката на средината, ќе победиме – вели играчот на Вардар, Камерунецот Даниел Донгмо за Вардар ТВ.
Асистент тренерот Владимир Колев смета дека во Швајцарија ќе се одигра сосема друг тип на натпревар во однос на оној скопскиот:
– Сигурно дека Лозана не го кажала последниот збор, како и ние. Се надевам дека натпреварот ќе биде интересен, до последната минута нема да се знае кој оди понатаму. Лозана и натаму е фаворит на хартија – рече Колев.


