Долгото носење маски може да биде штетно за децата

Ученици со маски / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BLUMBERG

Маските што ги носат учениците штитат од инфекција со коронавирусот, повеќе или помалку, зависно од материјалот од кој се направени и од правилната употреба, но го намалуваат квалитетот на вдишениот воздух и при долга употреба може да имаат лоши последици – вели  прим. д-р Климент Матоски, специјалист по педијатрија.

Учениците се обврзани да носат маски за време на часовите за да се спречи трансмисија на вирусот. Со оглед на тоа дека ги носат долго време, многу родители бараат да се скратат часовите.

– Одговорот на прашањето дали и колку маските се штетни за здравјето е многу комплексен, но во принцип, со дишењето преку маска, особено ако тоа трае подолго време, се намалува квалитетот на вентилација на белите дробови со кислород. Мора да се земе предвид и квалитетот на матерјалот од кој е произведена маската, правилната поставеност на маската и многу друго. Со долгото дишење преку маска, белите дробови добиваат воздух кој содржи голема количина резидуелен – заостанат дел, кој има се помала концентрација чист кислород. Ова крие бројни лоши последици. Многу дилеми се појавија со носењето маски на отворено. Ова има повеќекратно значење бидејќи, вирусот го има насекаде во воздухот, кој пак никогаш не мирува, та со своето движење, го разнесува вирусот насекаде, но секако во толку многу разредена количина, што ако се нема многу близок контакт, заразата станува незначителна. Ова секако не важи за затворен простор во кој вирусите се присутни во значително поголема концентрација. Значи, носењето маски има многу позитивна заштитна улога, но секако при долго дишење преку маска има и лоши последици – објаснува за „Слободен печат“ прим. д-р Климент Матоски, специјалист по педијатрија.

Влегување во училиштата е дозволено само со задолжително користење заштитнa маскa за сите вработени и ученици во училиштето. Учениците се жалат дека тешко дишат, чувствуваат голем замор и главоболки, но од нив се очекува да издржат.

„Децата во градинките не носат маски, и не видовме пренесување на болеста, голем број заразени деца, ниту затворање на градинка. Децата во училиштата до трето одделение учат со маски, без скратени часови до 13 часот. Тоа е предолг период, и посебно загрижувачки е што деца од шест години поминуваат по пет часа со маска. Навистина сум загрижена“ – коментира на социјалните мрежи мајка на ученик.

Американско истражување во кое беа споредени 14 видови маски заклучи дека не секоја заштитна маска за лице нуди подеднаква заштита од распрскување на заразени капки при дишење или зборување. Хируршките маски се исклучително ефикасни, а шамиите не штитат толку добро. На почетокот на пандемијата, кога во светот имаше недостиг од заштитни маски Светската Здравствена Организација апелираше маски да носат само болните и оние кои се грижат за пациенти.

Доктор Матоски вели дека хируршката маска најпрво ја користел медицинскиот персонал. Лекарите ги покривале носот и устата за пациентот кој бил опериран да се заштити од евентуален продор на заразни микроорганизми.

– Маската припомага да се вдишат помалку вируси, но тешко дека може да биде комплетен заштитувач. Секако, помала количина вируси, значи поголема сигурност да не се добие сериозна зараза. Втората улога на маската е, носителот на вируси, со говорот, кашлањето или кивањето, да исфрла помал број вируси. Оваа заштита станува поголема, ако притоа, покрај фактот дека и заразениот и условно, здравиот носат маски, и уште ако немаат близок контакт, веројатноста за ширење на заразата станува многу помала – објаснува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот