Доктор Кузмановски нема лиценца, ама има факсимил од Фондот за здравство до 2028 година!

Доктор Игор Кузмановски разрешен од директор на Клиниката за неврологија поради објавено компромитирачко видео на кое се гледа дека меша бела прашкаста материја во домашни услови, а кој својата специјалистичка лиценца за доктор по неврологија не ја обновил откако му истекла на 15 март 2025 година, туку таквото обновување во Лекарската комора го побарал минатата недела, сепак во овој момент има активен специјалистички факсимил од Фондот за здравство валиден до 31.12.2028 година.

Ова „Слободен печат“ го потврди со увид во шифрарникот на лекари специјалисти објавен на страницата на Фондот за здравство каде печатот на Кузмановски е заведен со број 712680. Ваквата ситуација потврдува дека Фондот за здравство има направено пропуст, односно не контролирал навремено дали лиценцата на докторот е обновена. Во ФЗОМ прашавме како се случил пропустот и очекуваме одговор.

Извор: Шифрарник на лекари Фонд за здравствено осигурување на Република Македонија

Во овој момент како што потврдија за „Слободен печат“ од „Мој Термин“ но и извори од Клиниката за неврологија, Кузмановски има блокиран пристап до „Мој Термин“ и не може да прегледува пациенти во државното здравство. Таквата блокада била спроведена по барање на Министерството за здравство со решение.

На утринскиот состанок кој утринава го одржал новоназначениот директор на Клиниката за неврологија доктор Јован Божиновски, формирани биле две внатрешни комисии од лекари на Клиниката за неврологија чија задача е да ја испитаат стручната и финансиската работа на Кузмановски. Лекарската комора во меѓувреме уште ја нема свикано етичката комисија да го разгледува случајот Кузмановски. Тој од вчера не доаѓа на работа на клиниката, тврдат нашите извори.

Секој доктор специјалист има свое досие на Клиниката во која работи, а должност на самата клиника е да ги проверува лиценците, нивното времетраење и да алармира доколку некоја лиценца е истечена, што на Клиниката за неврологија не е направено. И самата Лекарска комора еден месец пред истекот на лиценцата ги информира лекарите дека дошло време за обновување на нивната мејл адреса.

Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека го разрешил докторот по член 111 став 4 од Законот за здравствена заштита според кој директор на јавноздравствена установа може да биде разрешен „ако со својата несовесна и неправилна работа предизвика штета на установата или ако поради занемарување или неизвршување на обврските настанат нарушувања во вршењето на дејноста на установата“.

Тој најави повеќе комисии кои ќе ја испитуваат работата на Кузмановски и како лекар и од аспект на финансиското работење на Клиниката, а инспекции ќе влезат и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и од Фондот за здравство.

Инаку, откако на 15 март 2025 година му истекла лиценцата во Лекарската комора, Кузмановски барањето за нејзино продолжување го поднел дури минатата недела и постапката за лиценцирање му е во процедура во Лекарската комора. На страницата на Лекарската комора каде што се објавени списоците на лекарите кои располагаат со лиценца за работа, името на Кузмановски моментално не фигурира.
Поднесеното барање од доктор Кузмановски за продолжување на неговата лиценца е во процедура, изјави тој самиот за „Слободен печат“. Прашањата што му ги упативме се дали е точно дека лиценцата му истекла на 15 март 2025 и дека минатата недела побарал нејзино продолжување во Лекарската комора, дали работел како специјалист по неврологија во меѓупериодот без лиценца и зошто не ја продолжил на време. Прашавме и дали има законска можност избрано и именувано лице какво што Кузмановски беше до петокот, да не ја продолжи лиценцата во времето додека е директор.

-Поднесов за продолжување, во процедура е. На невролошки конгрес сум во Охрид во организационен одбор. Ве молам во овој тежок период за мене да ме поштедите, срце и душа давам за работата – ни рече докторот во порака.

На сајтот на Лекарската комора е наведено дека доктор на медицина кој не ја обновил или продолжил лиценцата за работа во законски предвидените рокови, повторно може да се стекне со лиценца за работа ако помине дополнителна обука и успешно ја заврши дополнителната посебна проверка на стручните знаења и способности пред испитна комисија на Комората.

Кузмановски беше разрешен од директор во петокот, два часа откако на социјалните мрежи беше објавена снимка на која тој зборува за купување кокаин додека изгледа како да подготвува „линии“ за шмркање во домашна атмосфера. Викендов анонимно писмо потпишано наводно од „колеги од Клиниката за неврологија“ го најде својот пат до медиумите, а во него за Кузмановски беше изразена поддршка, но оние кои го испратиле не собраа храброст да се потпишат на него.

Новоназначениот директор на Клиниката за неврологија, доктор Јован Божиновски, вчера на прашањето на „Слободен печат“ дали писмото со поддршка потекнува од стручниот колегиум на Клиниката, одговори негативно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот