Доделени наградите на 19. ИФАД „Стоби“ во Велес

Жири-комисијата на XIX ИФАД „Стоби“, во состав Ѓорѓи Јолевски (претседател), Биљана Драгичевиќ-Пројковска и Деан Дамјановски (членови), едногласно ги донесе одлуките за наградите на годинашното издание, што од 17 септември до 1 октомври се одржа во Театар „Јордан Х.К. Џинот“ во Велес.

Награда за најдобра женска улога е доделена на Јелена Ѓукиќ за улогата на Клитемнестра во претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, продукција „Корифеј театар“, ЦК Колашин и ЦК Бјело Поље, Р. Црна Гора.

– Јелена Ѓукиќ го гради ликот на Клитемнестра со неверојатна вештина суверено владеејќи со своите емотивни, гласовни, физички и умствени актерски способности. Умешно го следи режисерскиот концепт за во него да изгради сопствена актерска автономија воспоставувајќи потполна контрола врз дејствието. Создава навидум ладна и рационална кралица која се покорува на Агамемновиот авторитет, но нејзиниот емотивен внатрешен набој на мајка која мора да ја жртвува сопствената ќерка, блеска како болка од сцената создавајќи емотивна конекција со гледачот. Иако млада актерка, Ѓукиќ на сцената делува безвремено и плени со нејзиниот шарм, убавина, духовност и неприкосновени актерски перформанси – стои во образложението на жирито.

Награда за најдобра машка улога е доделена на Ѓорѓе Татиќ за улогата на Агамемнон, во претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, продукција „Корифеј театар“, ЦК Колашин и ЦК Бјело Поље, Р. Црна Гора

– Ѓорѓе Татиќ го оживеа ликот на Агамемнон со силно чувство за модерен пристап кон градењето на улога во новите естетски театарски форми. Своето актерско искуство го искористи во пласирање на дикциски совршено говорење на стихот и со силниот индивидуалитет ги поврзува останатите актери/ликови во амалгамот наречен „Ифигенија“. Татиќ суровиот Агамемнон го трансформира од бахат господар во тиранин за на крајот на дејствието да влезе во молк кој ечи. Софистицираниот пристап кон градењето на улогата ја потенцира големината на актерскиот персоналитет на Татиќ, кој ни донесе нов, силен, модерен, моќен и авторитативен Агамемнон – забележа жирито.

Награда за најдобра режија е доделена на Диана Добрева за режијата на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, продукција на Драмскиот театар „Н.О. Масалитинов“, Пловдив, Р. Бугарија.

– Режијата во претставата „Одисеј“ умешно и елегантно ги преплетува текстуалното и визуелното, телесното и звучното, индивидуалното и колективното, епското и лирското, со што, ги надминува границите на она што во теоријата се определува како „драмски театар“ и креира еден геометриски прецизен театарски чин, кој, кореспондира со традициите на Европскиот театар на 20-от век и ги осовременува на начин кој непречено и непосредно комуницира со современиот гледач на 21-от век – потенцира жири-комисијата.

Гран-при на фестивалот (Најдобра претстава во целина) е доделена на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, во режија на Диана Добрева, продукција на Драмскиот театар „Н.О. Масалитинов“, Пловдив, Р. Бугарија.

– Претставата „Одисеј“ демонстрира завидно единство помеѓу поетиката на драмскиот текст, амбициозниот концепт на режисерката, колективниот потенцијал на театарот, како и техничките и продукциските квалитети на истиот, притоа создавајќи целосно театарско доживување на античкиот мит, кое допира до гледачот на повеќе рамништа – истакна жирито.

Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ во своето 19. издание се одржа под мотото „Во нови слики“. Во чест на лауреатите, на 1 октомври, настапи Националната опера и балет со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Музиката е на Калиопи, кореографија на Олга Панго, а либрето на Сашо Димоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот