Додека ЕСМ ја спрема жалбата за мазутот, ВМРО-ДПМНЕ „пука“ кон обвинителката за недокажаните злоупотреби
Правниот тим на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), државната компанија која се најде во фокусот на вниманието откако Обвинителството ја запре истрагата за злоупотреби со набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“ во време на енергетската криза пред неколку години, во петокот ја подигнало контроверзната одлука со која се спасија познати имиња од судско-партиските кругови и најверојатно до крајот на неделава ќе поднесе жалба до Вишото јавно обвинителство.
Препорачано
Додека тече рокот за жалба од осум дена по примањето на решението, владејачката ВМРО-ДПМНЕ не престанува со обвинувања и прозивки за шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал Ислам Абази и обвинителката која ја донесе одлуката, Катерина Коларевиќ, која ја поврзаа и со опозициската СДСМ.
-Катерина Коларевиќ, моминско Маркова, ќерка на Павле Марков, државен правобранител избран од владата на СДС во 1998 година, и на Вера Маркова, уставен судија во 2004 година, избрана од коалицијата СДС и ДУИ. Фамилијарни кариери во обвинителството на услуга на СДС. За Абази и да не говориме, човек кој дојде на местото на Русковска во ОЈО ГОКК, комшија на Ахмети од Зајас, кој функционира на начин како што Али ќе му каже. Коларевиќ и Абази, застанаа цврство во одбрана на криминалот на функционерите на СДС и ДУИ наречен “Мазут” вреден 167 милиони евра, и ги амнестираа Васко Ковачевски, Асмир Јахоски, Адријан Муча, Ратко Капушевски и Ерџан Сулковски без да ги спроведат во судница – обвини пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Савески не бил консултиран за затворањето на истрагата за мазутот
Тој побара оставка од Абази и изрази сомнежи за корупција.
-Прашуваме, дали зад запирањето на постапката стои корупција, односно подмитување на обвинителите? Зошто Советот на јавни обвинители на Башким Бесими молчи и не бара и тој одговори за стопирањето на постапката? На ваков начин функционираше коалицијата СДС и ДУИ додека беше на власт, а како што гледаме и натаму продолжува таа коалиција и во правосудните органи – порача тој.
Ниту од Обвинителството, ниту од Советот на јавни обвинители нема реакции на овие повици на владејачката партија откако обвинителката беше децидна дека при набавката на мазутот не нашла докази за финансиска штета, а Абази ги отфрли обвинувањата дека извршил влијание за запирањето на истрагата.
„Ниту како обвинител, ниту како раководител, на ниеден мој колега не сум му сугерирал каква одлука да донесе, ниту пак сум ја загрозил неговата самостојност. Врз ниеден јавен обвинител не сум вршел притисок или влијание,“ изјави Абази.
Кривичната пријава беше за серија злоупотреби со набавките на мазут, а МВР кога ја поднесе лани во март тврдеше дека државата претрпела штета од над 167 милиони евра преку наместени постапки и транспортирање на мазутот до ТЕЦ Неготино, а клучно било тоа што претставници на АД ЕСМ изјавиле дека штета на постои за компанијатата, а тоа било утврдено и со докази.
И покрај ваквите изјави од претставници на ЕСМ, тие сепак најавија дека ќе поднесат жалба на одлуката.
-Видно од наредбата за запирање на истражната постапка, на овластените технички лица од АД ЕСМ, иако некомпететни во економската област – не им било предочено ниту биле запознаени со вештиот наод и мислење во економската област, иако истиот бил составен пред распитот. На вкрстени прашања од правните застапници на осомничените за време на распитот, техничките лица на АД ЕСМ само констатирале дека вкупните количини на произведена ел. енергија заклучно со април 2023 година – одговарала на потрошената количина мазут во ТЕЦ Неготино и во тој поглед техничките лица само констатирале дека не била нанесена штета врз планот за производство, без да се елаборира дали потрошената количина била согласно тендерските услови и договорот – тврдат од ЕСМ.
Минатата недела Обвинителството соопшти дека истрагата за наводни злоупотреби со мазутот, била запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски- сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулкоски и уште 8 други осомничени.


