
Додека 700 милиони луѓе преживуваат со 2 долари, најбогатите 2.765 трупаат по 5,7 милијарди на ден
Во текот на изминатата година во „клубот на милијардери“ се зачлениле уште 204 луѓе, па сега ги има 2.769, со вкупно богатство проценето на 15 билиони долари
Вкупното богатство на милијардерите низ светот лани се зголемило за вкупно 2 билиони долари, трипати повеќе отколку во претходната година, објави глобалната организација Оксфам што се залага против нееднаквоста и сиромаштијата во светот.
Препорачано
Во годинешниот извештај „Грабачи, а не создавачи“, традиционално објавен на почетокот на Светскиот економски форум во Давос, Оксфам укажува дека милијардерите лани секој ден го зголемувале богатството за по 5,7 милијарди долари.
Во текот на изминатата година во „клубот на милијардери“ се зачлениле уште 204 луѓе, па сега ги има 2.769, со вкупно богатство проценето на 15 билиони долари. Десеттемина најбогати просечно го зголемувале богатството со по 100 милиони долари секој ден.
Забрзаното темпо на богатење укажува дека веќе до крајот на оваа деценија ќе има петмина билионери. Најблизу до овој статус денес е францускиот „цар на модата империја“ Бернар Арно, со богатство проценето на 233 милијарди долари, пред уште 13 богаташи што поседуваат по најмалку 100 милијарди долари. Сите тие ќе останат милијардери дури и ако изгубат 99 отсто од своето богатство. Меѓу нив дури осуммина своето богатство го стекнале како сопственици на технолошки гиганти, од Илон Маск (втор на списокот со 195 милијарди долари), Џеф Безос (194 милијарди) и Марк Закерберг (177 милијарди), преку Лери Елисон, Бил Гејтс и Стив Балмер, сѐ до Лери Пејџ и Сергеј Брин.
Потенцијалите за забрзано богатење на Маск се најголеми, кој како поддржувач и финансиер на новиот американски претседател Доналд Трамп обезбеди позиција да ја раководи агенцијата за кастрење на федералните трошоци.
Од другата страна на глобалната финансиска пирамида, бројот на сиромашни луѓе што треба да преживеат со помалку од 6,85 долари на ден останува околу 3,6 милијарди, што е еквивалентно на 44 отсто од светската популација. Во екстремна сиромаштија, со помалку од 2,15 долари на ден, живеат 700 милиони луѓе, односно 8,5 отсто од глобалната популација. Со екстремна сиромаштија е соочена секоја десетта жена во светот.
– Грабежот на плодовите од глобалната економија од страна на привилегирани поединци достигна височини што се чинеа незамисливи. Не само што се зголеми нивното богатство, туку и нивната моќ – изјави директорот на Оксфам, Амитаб Бехар.
Тој на врвот на пирамидата на богатство и моќ го поставува новиот претседател на САД, кој и самиот е милијардер.
– Круната на оваа олигархија е милијардерот претседател, кој е поддржан и е купен од најбогатиот човек на светот Илон Маск и кој ја води најголемата економија во светот. Го претставуваме овој извештај како повик за будење, за да прикажеме дека обичните луѓе низ светот се згмечени од огромното богатство на само неколкумина – додава Бехар.
Оксфам објаснува дека дури 60 отсто од богатството на милијардерите воопшто не е спечалено, туку е стекнато од наследство, монополна улога или сомнителни зделки. Во Европа, повеќето од милијардерите наследуваат богатство што останало од времето на историскиот колонијализам. Во рамките на модерниот колонијализам, Глобалниот север преку финансискиот систем извлекува по 30 милиони на час од Глобалниот југ. Сиромашните земји се принудени да издвојуваат половина од своите буџети за отплата на долгови кон кредитори во Лондон и во Њујорк – вкупно 3.300 милијарди само за камати во 2023 година.