ДЛУМ: Нови импулси во македонската скулптура

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) под покровителство на Министерството за култура на РС Македонија и Град Скопје, во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, во Уметничкиот центар „Арт хаб“, ГТЦ 2 кат, локал 306, ја постави изложбата „Современа скулптура“.

Селекторка на изложбата „Современа скулптура“ на ДЛУМ е историчарката на уметност Марика Бочварова Плавевска, која во поставката ги вклучила сите приложени дела затоа што сметала дека со таков компромис ќе даде посебен шмек на изложбата и дека ќе го поттикне помасовното учество на членовите на ДЛУМ. Во текстот со наслов „Прикриената наративност на скулптурите“ селекторката, меѓу другото, истакнува:

– Релативно новите импулси се почест знак на приложените дела, поврзани со појави што паралелно ги следат фигуративните или апстрактните искуства. Алтернативните тенденции се рефлектираат како стимулативен креативен миг битен во опусите на скулпторите што учествуваат во посакуваниот модел на конципирање на изложбата. Содржината на обмислените констелации придонесува постулатите на класичниот вајарски аспект да бидат делумно потиснати, со цел да се извлече проширениот дискурс на значењата на делата – констатира Бочварова Плавевска.

На изложбата со скулптури учествуваат Ана Димчевска Семенпеева, Андреј Митевски, Ангел Димовски Чауш, Вања Петрушевска Дуза, Љупчо Бојаров, Златко Бојковски, Јовица Мијалковиќ, Катерина Таневска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Филип Фидановски, Филип Цакоски и Боро Митриќески.

На изложбата се доделува една парична награда од семејството на истакнатиот скулптор Боро Митриќески, којашто го носи неговото име, а затоа негова скулптура е присутна и во поставката. Покрај селекцијата, Марика Бочварова Плавевска ја дава и својата сугестија за наградата. Со амбиенталниот објект „Ирационални бранови“ скулпторот Перо Кованцалиев упатува на иновација во освојувањето на подната структура, којашто нуди повеќеслојни значења и визуелни трансформации, резултат, пред сè, на искуствата на кинетичката уметност.

Амбиентален објект „Ирационални бранови“ на скулпторот Перо Кованцалиев

– Мотивот да се создаде ова дело се заснова на една модернистичка практика, која модернистите ја користеа и создаваа култ кон машина. Ако се обидеме да извлечеме паралели од тогашното модерно и денешното современо општество, во суштина нештата остануваат непроменети, единствено имаат нов лик. Затоа одлучив да создадам нов лик, нова површина во поинаков контекст. Делото „Ирационални бранови“ реферира кон иронијата на технократскиот симбол во консумирачкото општество. Прави едно соочување со непознатото и вештачкото на еден невообичаен начин, каде технократската култура на нашето секојдневие ќе биде предмет на редефинирање во социо-културните сфери – објасни наградениот автор Перо Кованцалиев за „Културен печат“.

Изложбата „Современа скулптура“ на ДЛУМ во „Арт хаб“ во ГТЦ во Скопје ќе може да се посети до 30 јули оваа година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 41, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот