Угостителски инвертар на јавни површини - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Летни тераси на улица „Македонија“ - Фото Слободен печат - Методи Здравев

„Дивите“ летни тераси ќе се толерираат до 15 мај, потоа ќе се казнува

Од Град Скопје велат дека инспекторите се постојано на терен и вршат контроли, при што во најголем дел се изрекуваат опомени и се укажува на обврската за поднесување соодветна документација. По истекот на предвидениот рок, ќе се постапува во согласност со законските прописи.

Најдоцна до 15 мај, угостителите што сѐ уште не побарале дозвола за поставување летни тераси пред локалите, можат да поднесат барање до Град Скопје.

Овој дополнителен рок, како што велат од Градот, е договорен во координација со Македонската угостителска комора при Сојузот на стопански комори. Дотогаш, масите и столовите поставени пред кафулињата и рестораните, на некој начин, ќе се толерираат, а потоа ќе се постапува по закон.

 До завршување на оваа постапка, инспекциските служби и инспекторите на Град Скопје се постојано на терен и вршат контроли, при што во најголем дел се изрекуваат опомени и се укажува на обврската за поднесување соодветна документација. По истекот на предвидениот рок, ќе се постапува во согласност со законските прописи – велат од Градот.

Неодамна, „Слободен печат“ објави дека и годинава, како и во изминатите лета, угостителите ги имаат распослано масите и столовите низ центарот на Скопје, надвор од застаклениот дел, кој всушност е тераса на објектот. Тие непречено узурпираат шеталишта, тротоари, а некои дури урбаната опрема си ја рашириле преку целата улица „Македонија“.

Двојните летни тераси, односно терасите пред терасите, минатата година си го истераа цело лето, повеќето без дозволи, а Град Скопје не успеа да воведе ред и покрај тоа што инспекторите казнија неколку објекти.

Дозволи немаат, но никој ништо не им може — летните тераси повторно „крадат“ јавен простор

За давање дозволи за поставување урбана опрема на овие локации, кои воедно се најпосетени и од туристите што сѐ повеќе ги има низ Скопје, надлежен е Град Скопје. Оттаму убедуваат дека константно работат на тоа да воведат ред во поставувањето урбана опрема на улица Македонија, на кејот и во Старата чаршија, но и дека сè уште не се издадени дозволи за летните тераси.

Како што информираа, дел од угостителските објекти на улица „Македонија“ што имаат застаклени летни тераси, имаат поднесено барања до Секторот за планирање и уредување на просторот, но сè уште немаат добиено дозволи, но нивните барања биле во фаза на обработка.

Истата состојба важи и за угостителските објекти на кејот, за кои во моментов се разгледуваат сите поднесени барања, имајќи предвид дека од претходната администрација не биле издавани дозволи, па затоа е потребно време за нивна обработка и носење одлуки – објаснија неодамна од Град Скопје додавајќи дека инспекциските служби се секојдневно на терен и работат во три смени со цел да ја следат состојбата во градското подрачје.

Тоа значи дека колку што се виновни угостителите, дел од вината лежи и во Градот и во бавното издавање дозволи, имајќи предвид дека веќе е почеток на мај, кога граѓаните сакаат да се напијат кафе на сонце. Но и на оние сопственици на локали што навреме ги поднеле барањата им се „врзани рацете“. Нивниот избор е или да им се намали бројот на гости и да чекаат дозвола или да ризикуваат и да извадат надвор урбана опрема без дозвола.

На прашањето до Град Скопје кога ќе ја завршат процедурата со дозволите, со оглед дека времето е топло и летните тераси се во функција, оттаму велат дека постапката е во тек.

Постапката за издавање дозволи е во тек и се очекува нејзино финализирање во најкус можен рок, со цел непречено функционирање на летните тераси – тврдат од Градот.

Во меѓувреме, откако „Слободен печат“ објави за состојбата со летните тераси на кејот на Вардар и на улица „Македонија“, инспекторите очигледно ги засилија контролите, затоа што масите и столовите беа повлечени поблиску до објектите и поставени во еден ред. Но тоа траеше само ден-два и сега е повторно сѐ по старо.

Дали нешто ќе се промени по 15 мај и дали Градот ќе почне да постапува по закон за оние што не поднеле барања и летните тераси ги прошируваат на „диво“, времето ќе покаже. Или, сепак сѐ ќе помине само со опомени и со по некоја казна и со маси на јавни површини без дозвола цело лето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот