Септет „Солидариташ оркестар“

Дискографската куќа „ПМГ Џез“ објави нов албум со маркантни фигури во современиот џез

Скопската издавачка куќа „ПМГ Џез“ го издаде своето 58-мо албумско остварување. Септетот „Солидариташ оркестар“ го претстави своето првенче – „Адат Фоја“ (Addāt Fōyya).

Оваа меѓународна музичка формација е предводена од Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски – двете веројатно најмаркантни фигури на македонскиот креативен џез, најпознати како коавтори на триото „Светлост“, како и „Одрон ритуал оркестра“, проекти кои доживеаја повеќе меѓународни признанија во периодот од 2019 до 2024 година.

На овој албум, снимен во март годинава во Будимпешта, покрај Омерагиќ и Спировски (кои се јавуваат како изведувачи и автори на музиката), се запишани и изведбите на двајца интернационалци базирани во Унгарија – Кристофер Кокс (тромбон, САД) и Давид Карла (саксофон и бас кларинет, Литванија / Австралија), како и Виктор Капуши (саксофон), Петер Ајтаи (контрабас) и Атила Ѓарфаш (тапани) – тројца претставници на вибрантната џез-сцена во унгарската метропола.

Албумот, воедно, е и втора соработка помеѓу „ПМГ Џез“ и „Инвертед спектрум рекордс“ (Inverted Spectrum Records), издавачка куќа која делува помеѓу Анкара, Будимпешта и Белград.

До крајот на годината „ПМГ Џез“ најавува уште неколку изданија, почнувајќи од дуото Владан Дробицки и Глигор Кондовски и нивниот втор албум „Inward“, а потоа и проектот „Аспирин мун“ (Aspirin Moon) на Филип Букршлиев и Марија Грубор.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 310, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот