Директори на Пошта си ја зголемиле платата за над 50 проценти, загубите не им пречеле: Катастрофални наоди од државниот ревизор
Бујаре Абази, која на функцијата генерален директор и претседател на УО дошла на 13 март 2023 година, веднаш се фатила за работа – си ја зголемила платата, ама им поделила повисоки плати и на вработените од првиот ешалон. На крајот од 2023 година, Пошта завршила со негативен резултат од 2,2 милиони евра!
Во последните седум години, акционерското друштво Пошта на Северна Македонија во континуитет прави загуби, отстапува од европските стандарди за давањето поштенски услуги, има еден куп кредити, набавува без спроведени јавни набавки… Ова се само дел од наодите што ги констатирал Државниот завод за ревизија.
Ревизорите констатирале и дека „во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето-плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно“. Ова значи дека Бујаре Абази, која на функцијата генерален директор и претседател на УО дошла на 13 март 2023 година, веднаш се фатила за работа – си ја зголемила платата, ама им поделила повисоки плати и на вработените од првиот ешалон. На крајот од 2023 година, Пошта завршила со негативен резултат од 2,2 милиони евра! Ревизорите потсетуваат дека ова е спротивно на Законот за трговски друштва каде што децидно пишува: „Во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор, може да се намалат“.
За седум години акумулирана загуба од 17 милиони евра
Во Извештајот се забележува дека континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.
Од 2017 година, заклучно со 2023 година АД Пошта има акумулирана вкупна загуба од околу 17 милиони евра. Пред тоа, имало години кога имало добивки, а имало и години со загуба. Во континуираниот период на загуби, најлоша е 2022 година во износ од над 3,7 милиони евра.
Во случај кога трошоците се повисоки од приходот остварен од обезбедувањето на универзалната услуга во претходната година, АД Пошта на Северна Македонија има право на надоместок од Компензацискиот фонд, но за да го оствари ова право мора да води посебно сметководство за универзалната услуга, за резервираните услуги, како и за другите поштенски услуги што ги обезбедува. Ревизорите утврдија дека вакво сметководство не е воспоставено поради што досега не е поднесено барање до Агенцијата за остварување на правото за надоместок на нето трошоците.
Ненавремена достава на пратки
Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7 отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5 проценти биле доставени во период подолг од три дена.
„Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки, велат ревизорите“, пишува ДЗР.
Во 2023 година, Агенцијата за пошти спровела истражување за задоволството на корисниците на поштенските услуги и 79 отсто од граѓаните и 80 отсто од формите се изјасниле дека брзината на доставата на пратките е главна причина поради која се определиле за друг поштенски оператор.
Многу често во јавноста се пласира веста дека нема доволно поштари. Но, ДЗР открива дека „друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување други административни задачи“.
До гуша во кредити и камати
Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушува ликвидноста, велат ревизорите. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 3,6 милиони евра, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 1,6 милиони евра и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 2 милиони евра. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 109.000 евра.
„Сите земени кредити се со висока каматна стапка, која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%.“, истакнал Државниот завод за ревизија.
Законот за поштенските услуги пропишува давателите на поштенските услуги да плаќаат годишен надоместок на Агенцијата за пошти. За 2023 година, Пошта требало да плати 380.000 евра, но поради финансиски тешкотии, друштвото ненавремено ги подмирило овие обврски, што резултирало со камата од над 32.000 евра.
За студија за подобро работење платени 795.000 евра
Министерството за транспорт не донело Стратегија за развој на поштенските услуги, која треба да биде усвоена од Собранието на Република Северна Македонија. Во 2021 година, за спроведување длабинско снимање на работењето на АД Пошта на Северна Македонија и изготвување физибилити студија, биле исплатени 795.000 евра. Иако АД Пошта на Северна Македонија располага со направената студија, таа не се применува.
„Со извршената ревизија се констатирани и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат врз изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива. За надминување на констатираните состојби, дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, заклучуваат ревизорите.