
Димитриеска-Кочоска: Солидарниот данок би можеле да им го враќаме на компаниите со пребивање
Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка во 2023 година. Со него беа задолжени сите компании што оствариле профит над 615 милиони денари во 2022 година.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека кризниот солидарен данок, чие законско решение неодамна Уставниот суд го поништи, би можел да им биде вратен на компаниите со пребивање. Тоа би значело дека оние 50 милиони евра што еднократно беа дополнително оданочени од околу 150 компании, би можело да им се враќаат, така што тие во наредниот период не би ги плаќале тековните даноци за истата сума што треба да им се врати. Највисоката сума што ја плати само една компанија е повеќе од 4,2 милиони евра, а најниската беше 640 евра, наплатена од мала фирма.
Препорачано
– Но, секако, како и претходно ќе најдеме начин да ги сервисираме обврските и да обезбедиме стабилност во јавните финансии. Во наредниот период ќе седнеме и ќе разговараме со компаниите што биле опфатени со ова законско решение и можеби ќе се разгледа и можноста за пребивање. Секако дека сме посветени на фискална консолидација, ефикасно трошење на средствата и ефикасно прибирање на приходите – додава меѓу другото министерката на едно од прашањата во интервјуто за Независен.
Уставниот суд донесе одлука да го поништи Законот за солидарен данок. Тоа значи дека државата, односно ние граѓаните, ќе треба да им вратиме околу 49,2 милиони евра на 156-те најпрофитабилни компании што во 2022 година беа еднократно оданочени со т.н. солидарен данок. Кај осум фирми беше извршена и присилна наплата, тие платија и камати и трошоци за извршување.
Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка во 2023 година. Со него беа задолжени сите компании што оствариле профит над 615 милиони денари во 2022 година. Околу 150 компании мораа да платат задолжителен вонреден данок на солидарност на веќе оданочениот профит од претходната година.
Целта на законот, како што објаснуваше претходната влада на СДСМ, беше да се соберат средства за ублажување на последиците од здравствената и економската криза и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.
Претходно, компанијата „Макстил“, која плати најголема сума од 4,3 милиони евра за солидарен данок, најави дека нема да се откаже од оваа сума и ќе бара парите да им се вратат, без затезна камата.