ДИК го усвои упатството за бројот на советници, Шеху ќе го оспори пред Управен суд
Со пет гласа „за“ и еден „против“, Државната изборна комисија (ДИК) го усвои Упатството за пополнување образец на листи за кандидати за членови на советите на општините и на Град Скопје. Единствено против беше членката од редовите на ДУИ, Дитмире Шеху, која најави дека ќе го оспори упатството пред Управниот суд.
Препорачано
Шеху смета дека упатството е неосновано, бидејќи се темели на одлука на Владата со која во предвид се земаат само резидентните жители, а не и иселениците, што резултира со намалување на бројот на советници во 14 општини.
„Чудно е како секторот за правни работи на ДИК го потенцира зборот ‘жител’, и тврди дека е во согласност со законот. Во Законот за локална самоуправа ‘жител’ се подразбираат само резидентите“, изјави Шеху.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, возврати дека Комисијата нема надлежност да навлегува во толкување на закони и е должна да постапува по важечките акти.
„За нас е релевантно дека одлуката на Владата е во сила и ние немаме друг акт или законско овластување врз основа на кое би постапувале при определување на бројот на советници“, рече Кондарко.
Ваквата владина одлука произлезе од последниот попис, кој покажа намалување на бројот на жители, поради што, согласно Законот за локална самоуправа, беше намален и бројот на советници во одредени општини.


