Дијабетичарите бараат Антикорупциска и Државниот ревизор да проверат што се случува со лентите и глукомерите

Министерство за Здравство/ Фото Архива на Слободен печат

Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари, бара од Антикорупциската комисија и од Државниот завод за ревизија итно да спроведат надзори и проверки за тендерот за ленти и глукомери за дијабетичарите. Тој за „Слободен печат“ тврди дека договорот за испорака на ленти и глукомери не се исполнува прогресивно, односно дека се доцни, зашто досега само мал број од вкупниот број дијабетичари ги добиле неопходните помагала.

-Освен тоа бараме Државниот завод за ревизија да спроведе итна ревизија на постапката за јавна набавка. До сега се поминати 4 месеци и требаше апарати и ленти да се достапни за 20 илјади дијабетичари, а не е така. За 6 илјади дијабетичари се испорачани. Денеска се навршува точно една година откако ја почнавме нашата борба за ленти и глукомери, кои што државата требаше да ни ги набави, а не ги набавуваше, изјави Велев.

Министерството за здравство уште им ги нема покажано документите за набавката на медицинските помагала на дијабетичарите иако ветија. Тие побараа да ги видат документите затоа што се сомневаат дека нешто со апаратите за мерење на шеќерот во крвта не е во ред, откако беше спакуван во најлонско ќесе, наместо во оригиналната кутија која доаѓа како сет од производителот „Тајсон Био“.

„Слободен печат“ пред десетина дена се обрати до „Тајсон Био“ да праша дали тие имале улога како компанија во ова препакување на глукомерите. Прашавме и која е рутата на транспортот на овие глукомери односно низ кои држави тие патувале за да дојдат до Македонија. Одговори уште нема.

Како што за „Слободен печат“ изјави пациентка со дијабетес, таа лично се појавила на Националната комисија за дијабетес и им покажала на членовите на комисијата дека новите ленти за мерење на шеќерот кои им беа доставени на дијабетичарите, се компатибилни со два апарати за мерење на шеќерот, што според неа не би смеело да биде така.

Проблемите на дијабетичарите траат со месеци, откако претходното раководство на Министерството за здравство не го спроведе тендерот за набавка на ленти и глукомери, па дијабетичарите со месеци мораа да ги плаќаат од сопствениот џеб на приватно.

До Министерството за здравство, Сојузот на здруженија на дијабетичарите доставија опопмена пред тужба со оглед на тоа што 44 илјади пациенти кои се на инсулинска терапија од јанунари годинава до крајот на септември не добиваа бесплатно ленти за мерење на шеќер и глукомери кои што им беа препишани со специјалистички извештај од специјалист. Пациентите самите купуваа ленти и глукомери од аптеките на нивен трошок.

„Согласно позитивните законски прописи ви доставивме писмени барања по кои одржавме работни состаноци во јули 2023 кога ни дадовте информација и ветување дека ќе постапите по законските процедури. По истекот на рокот за постапката за јавна набавка на ленти и глукомери, по што заради пробивање на законските рокови и игнорирањето на Законот за здравствена заштита и програмата на владата за набавка на терапија и помагала, ви доставивме претставка за немањето и недостапноста на медицинските помагала. Доставивме и соодветни предлози по кои не ни одговоривте, а и претседателот на владата очекува одговор од вас со точни податоци што се случува со немањето медицински помагала за лицата со дијабетес“, пишува во опомената пред тужба доставена  до министерот за здравство Фатмир Меџити, до која дојде „Слободен печат“.

Поради немањето одговор од негова страна, Сојузот на здруженија на дијабетичари поднесе претставка до народниот правобранител кој води постапка, а иста таква постапка води и Комисијата за заштита од дискриминација.

„Ве повикуваме на пациентите на инсулинска терапија да им ги надоместите трошоците за периодот од 1 јануари 2023 година до денот на добивање ленти и глукомери набавени од Министерството, од минимум 9 месеци што ги имаат направено за набавка на ленти за мерење на шеќер и глукомери“, пишува во опомената пред тужба до Министерството за здравство доставена од Сојузот на дијабетичари.

Законот за здравствена заштита, средствата од буџетот предвидени за 2023 и 2024 година и законот за облигациони односи како и донесената програма на влдата за набавка на терапија и помагала, предвидуваат дека лицата со дијабетес кои се на инсулинска терапија, а чиј број е 44 илјади лица (4 илјади со тип 1 и 40 илјади со тип 2), лентите за мерење шеќер и глукомерите препишани од специјалист треба да ги добиваат бесплатно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот