Дијабетесот, децата, гојазните и коронавирусот: Разговор со д-р Искра Битоска

Веќе станува јасно дека гојазноста е еден од најсилните ризик фактори за тешката форма на Ковид- 19, особено помеѓу помладата популација. Според најновите податоци од САД и Франција, гојазните луѓе два пати повеќе завршуваат во болница, а голем дел од нив и во единиците за интензивна нега.

Гојазните луѓе, како и луѓето со дијабетес, треба строго да се придржуваат до сите превентивни мерки кои се препорачани од СЗО, односно од Министерството за здравство на нашата земја, како лица кои може да имаат тешки симптоми и компликации во тек на инфекцијата со Ковид-19, вели доктор Искра Битоска, специјалист ендокринолог, од Клиниката за ендокринологија.

Со д-р Битоска зборуваме на тема дијабетесот и коронавирусот, како и за дијабетесот кај деца.

Ако луѓето со дијабетес не го контролираат добро дијабетесот и имаат чести варијации на крвниот шеќер, постои поголем ризик за потешка форма на инфекција со Ковид 19 во споредба со општата популација

Според податоците од 12 кинески студии, но и според некои италијански проценки, беше објавена мета-анализа која ги уверува дијабетичарите дека нема зголемување на ризик од инфекција од коронавирус за категоријата, но можни се компликации ако се заразат со вирусот. Дали и кај нас се воочени вакви потврдувања? Зошто коронавирусот е поопасен ако сте дијабетичар?

– Лицата со дијабетес може да имаат тешки симптоми и компликации во тек на инфекцијата со Ковид-19, но доколку дијабетесот е добро контролиран, тогаш ризикот за сериозни компликации е сличен како оној кај општата популација. Кај лицата со дијабетес кои се заразени со вирусот може да дојде до влошување на гликемиската контрола за време на болеста. Тие треба да ги практикуваат „правилата при болест“ препорачани за каква било стресна состојба со цел да ја подобрат нарушената состојба со дијабетесот. Исто така, треба веднаш да се јават кај нивниот лекар/медицинска сестра за совет за тоа како да го следат нивото на шеќер во крвта, какви прилагодувања можеби ќе треба да направат во нивната терапија или исхрана и да добијат соодветна резерва на лекови, особено инсулин. Но, како што претходно беше посочено, доколку дијабетесот е добро контролиран, ризикот за сериозни компликации е сличен како тој на општата популација. Ако луѓето со дијабетес не го контролираат добро дијабетесот и имаат чести варијации на крвниот шеќер, постои поголем ризик за потешка форма на инфекција со Ковид 19 во споредба со општата популација, бидејќи е ослабена способноста на организмот да се бори со инфекцијата.

Зошто пак, гојазните лица се сметаат за субјекти особено подолжни на сериозни последици од коронавирус?

– Веќе станува јасно дека гојазноста е еден од најсилните ризик фактори за тешката форма на Ковид- 19, особено помеѓу помладата популација. Според најновите податоци од САД и Франција, гојазните луѓе два пати повеќе завршуваат во болница, а голем дел од нив и во единиците за интензивна нега. Сè уште не се знае точната причина. Дел од овие пациенти веќе имаат компромитирана респираторна функција. Абдоминалната дебелина, поизразена кај мажи, може да предизвика компресија на дијафрагмата и белите дробови, со што го намалува респираторниот капацитет. Обезноста, сама по себе, е позната по својата способност да предизвика хронична инфламација од низок степен, а со тоа и зголемување на концентрацијата на проинфламаторни цитокини, одбранбени честички кои и онака го влошуваат самиот исходот на болеста.

Има ли податоци колку регистрирани случаи со дијабетес има во Македонија?  Дали таа бројка се зголемува? И ако е така, како го објаснувате тоа?

– Податоците за Ковид-19 кај пациенти со дијабетес се ограничени во моментов на светско ниво. Во извештајот за 72.314 случаи на Ковид-19 објавен од Кинескиот центар за контрола и превенција на болести, смртноста кај лица со дијабетес била повисока, 2,3% кај целата група и 7,3% кај пациентите со дијабетес. Овој ризик може да се намали, иако не целосно да се елиминира, со добра контрола на гликемијата. Кај нас, како и во светот, сè уште е многу рано да се зборува за сумирање на податоци.

Причината за тип 1 дијабетес кај деца е комплексна и не е целосно разјаснета.

Честопати слушаме за дијабетес кај деца, но ретко слушаме што точно значи оваа болест за едно дете, кои се симптомите со кои се појавува?

Причината за тип 1 дијабетес кај деца е комплексна и не е целосно разјаснета. Се појавува како комбинација од генетска предиспозиција и влијание на околината. Во оваа состојба постои нарушен одговор на имуниот систем затоа што се оштетени бета клетките на панкреасот кои создаваат инсулин. На луѓето со тип 1 дијабетес им е неопходен инсулин за да можат да живеат.

Кога се појавува дијабетесот, нивото на гликозата во крвта расте од 5 до 10 пати над нормалното ниво. Дел од гликозата се излачува преку урината и предизвикува зачестено мокрење. Еден од главните симптоми е жедта. Губењето на тежината се појавува во првите седмици или месеци, бидејќи нема инсулин за да ја внесе гликозата во клетките за да се користи како основен извор на енергија, па организмот ги користи мастите за таа намена. Така се создаваат кетонски тела, кои доведуваат до гадење и повраќање, и до состојба која е ургентна и понекогаш животно-загрозувачка. Со денешните современи начини на терапија, ваквата состојба е поретка.

Борбата со ова заболување честопати повеќе го чувствуваат родителите отколку децата – колку децата можат да водат нормален живот?  

– Временскиот период по дијагнозата на дијабетесот е стресен за целото семејство. Чувствата се различни; шок, одрекување, лутина, тага, депресија, страв, обвинувања. На овие деца им се потребни родителите повеќе од кога и да е, но и тие се исто така конфузни. Новонастанатата ситуација може да ги промени семејните односи.

За дијабетесот се вели дека е болест која мора да се следи 24 часа на ден. Детето пак, мора да оди на училиште, дали училиштата имаат соодветна обука за надзор на деца со дијабетес?

– Откако ќе го помине детето процесот на едукација, кој понекогаш трае повеќе месеци, се нормализираат сите негови активности. Во овој едукативен процес, покрај тимот на сестри и доктори, главна улога има семејството, пријателите, и, секако, наставниците заедно со училишниот педагог и психолог. Разговорите со дечиња на слична возраст, членување во здруженија со дијабетес, учество во кампови исто така многу помага. Секое дете е различно, и справувањето со оваа состојба бара различен пристап. Но, морам да напоменам дека и пошироката околината има силно влијание врз чувствата на детето. Овие дечиња треба повеќе пати во денот да ставаат инсулин, повеќе пати во денот да мерат шеќер, а дали ќе се чувствуваат исфрустрирано, или моќно и непобедливо, зависи сепак од самата психичка стабилност на детето и од начинот на кој се справува потесното семејство со оваа состојба.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот