ДФРМ: Прирачник за филмаџии

Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) во рамките на второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“ промовираше Прирачник за филмаџии. Потребата од објава на ваков прирачник ја увиделе самите филмаџии, а намерата е да се овозможи полесно и поточно разбирање во комуникацијата меѓу сите професии што се вклучени во работата на филмскиот сет.

Со прирачникот се опфатени сите битни термини и функции во комплексната филмска индустрија и ова е прв обид да се воведе ред во филмската терминологија, бидејќи во продукцијата на еден филм се вклучени голем број на работници и автори кои мораат прецизно да знаат што работат и колку време и буџет имаат за истото.

– Во пресрет на 70-годишнината на ДФРМ, сметавме дека е потребно едно вакво систематско подредување и дефинирање на поимите и описите на функциите во филмот. Прирачникот е, всушност, филмскиот буквар, кој секој филмаџија мора да го знае инстинктивно, доколку сака да се занимава со филм. Ова е многу важен проект и чекор кон поголемата визија, а тоа е дека филмската индустрија во Македонија треба да добива свое конкретно место со дефинирана рамка во која ќе се делува и твори, потенцира претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.

За да ја добие прирачникотсвојата форма, придонес дале сите членови на ДФРМ и нивните соработници, а како содржини сместени во посебни поглавја во книшката се дефинирањето на профилот на ДФРМ, дефинирањето на филмските работници од авторска и техничка позиција, номенклатура на филмските кредити и речник на филмските термини на македонско-англиски и англиско-македонски јазик.

Уредник на прирачникот е Стојан Синадинов, редактор е Слаѓан Пенев, соработници за стручната литература се Снежана Стојановска и Милка Анчевска, додека илустрациите и дизајнот се на Игор Тошевски. Прирачникот примарно е наменет на филмските работници, но може да биде исклучително корисен за сите вљубеници во филмската уметност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 19, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 февруари 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот