Десет дена руска пропаганда

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски. / Фото: Приватна архива

Пропагандистите на Путин комплетно се избламираа, не само тие што тврдеа дека „Зеленски е веќе минато и не е фактор“, туку и сите што ја оправдуваа руската окупација како „ослободителна“ и „мировна“ операција. Сите тие лаги потонаа во кал, заедно со тие што ги ширеа.

На 24 февруари 2022, кога Путин ја започна руската агресија врз „братска“ Украина, во македонските медиуми се појави едно „ексклузивно“ интервју со рускиот пропагандист Валериј Коровин, претставен како „Директор на Центарот за геополитички истражувања“. Рускиот „геополитички“ пропагандист, дента кога започна руската воена инвазија, прорече дека „Армијата на Русија за 10 дена ќе ја уништи украинската армија како и паравоените нацистички организации, и ќе воспостави контрола над целата Украина“.

По 10 дена, можеме да констатираме дека ова пропагандно „пророштво“ не се оствари, како ни пропагандните пророштва на македонскиот автор на интервјуто, кој објави најмалку 100 дезинформации во врска со руската инвазија врз Украина. Во првото пропагандно интервју, објавено и на сајтот на „Левица“ Антропол, се тврдеше дека „герилска војна не е можна, бидејќи според нашите социолошки истражувања вршени пред една година на Украина, само 30 отсто од населението на Украина е готово да војува“.

Овие 10 дена ги демантираа руските „социолошки истражувања“, зашто Украинците убедливо демонстрираа волја да ја бранат својата нападната татковина, па и со герилски методи, како што е употребата на „молотови коктели“. Исто така, во пропагандното интервју, Коровин тврдеше дека „…факт е дека во Источна и Јужна Украина, мнозинството население е проруско, и дека ќе ја дочека руската армија како ослободител“.

Уште една пропагандна бламажа на руските пропагандисти. За овие десет дена видовме дека мнозинството население во нападнатите Источна и Јужна Украина е проукраинско. Руската армија не беше дочекана како ослободител, туку како окупатор. За тоа сведочат и денешните протести во Херсон, единствениот поголем град освоен од руската армија, каде што масовно се протестираше против руските окупаторски војски.

Што да се каже по десет дена руска воена агресија и пропаганда? Пропагандистите на Путин комплетно се избламираа, не само тие што тврдеа дека „Зеленски е веќе минато и не е фактор“, туку и сите што ја оправдуваа руската окупација како „ослободителна“ и „мировна“ операција, која не била насочена против цивили и цивилни цели. За овие 10 дена сите тие пропагандни лаги потонаа во кал, заедно со пропагандистите кои ги ширеа.

По 10 дена руска агресија, станува очевидно дека во Украина се извршени многубројни воени злосторства и разурнувања на згради и други цивилни објекти. Станува сосема јасно дека некој ќе треба да одговара на суд за тешките повреди на меѓународното право и за хуманитарната катастрофа, која предизвика смрт на голем број цивили, илјадници ранети и повеќе од милиони бегалци.

Одговорноста за воените злосторства во Украина не треба да се лоцира само кај Путин и неговите генерали и војници што наредуваат гранатирање и пукање во цивили, згради и куќи. Одговорни се и воените пропагандисти, кои со дезинформации се обидуваат да ја оправдаат руската агресија врз Украина и да ги минимизираат и да ги негираат воените злосторства.

Извор: Слободна Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот