Денот на шегата – 1 април: Од каде потекнува традицијата и зошто сè уште нè забавува?
Денот на шегата, кој се одбележува секоја година на 1 април, веќе со векови е дел од различни култури, иако неговото точно потекло останува непознато. Овој „неофицијален празник“ е познат по шегите, измамите и досетките, по кои на крајот традиционално се извикува „Априлилили!“, пишува „Хистори“.
Препорачано
Една од најчесто споменуваните теории го поврзува 1 април со 1582 година, кога Франција преминала од јулијански на грегоријански календар. Додека претходно Новата година се славела околу 1 април, по реформата таа била поместена на 1 јануари. Луѓето кои не биле информирани за промената или продолжиле да слават во старото време, станале предмет на шеги и биле нарекувани „априлски будали“.

Историчарите го поврзуваат овој ден и со античкиот римски фестивал Хиларија, кој се славел кон крајот на март. За време на фестивалот, луѓето се маскирале и се исмевале меѓусебно, создавајќи атмосфера на радост и игра. Се смета и дека променливото пролетно време, кое често „ги измамува“ луѓето, придонело за симболиката на денот.
Во 18 век традицијата се проширила во Велика Британија, а во Шкотска дури се одбележувала два дена. Првиот бил посветен на испраќање луѓе на лажни задачи, а вториот на шеги како лепење пораки или предмети на грбот.

Во модерното време, Денот на шегата прерасна во глобален феномен. Медиумите и големите компании често објавуваат лажни, но убедливи вести. Така, Би-би-си во 1957 година објави прилог за „жетва на шпагети“ во Швајцарија, додека во 1998 година „Бургер Кинг“ најави сендвич наменет за левораки луѓе. И технолошкиот гигант „Гугл“ редовно учествува со креативни шеги, како „телепатско пребарување“.
И покрај големите медиумски трикови, најпопуларни остануваат едноставните шеги во секојдневието – од класичното „сол наместо шеќер“ до вообичаени домашни досетки.


