Денеска официјално стартува Премиер лигата, фудбалското лето може да започне

Манчестер сити ја брани титулата во Премиер лигата/ фото: EPA-EFE/ANDREW YATES

Ливерпул како и изминатите години е главен фаворит за титулата заедно со Манчестер сити, а ослабен влегува во трката сезонава за Садио Мане кој го засили Баерн Минхен.

Започнува највозбудливата фудбалска лига во светот, а вистинските познавачи на фудбалот несомнено ќе уживаат и оваа сезона во квалитетот кој ќе го понудат едни од најсилните фудбалски клубови во светот.

Кристал Палас и Арсенал на Селхарст Парк од 21 часот ќе го отворат 31 издание на англиската Премиер лига. Минатата сезона Арсенал заврши на петтото место и пред крајот на натпреварувањето ја пропушти Лигата на шампионите, додека Кристал Палас одигра добра сезона и се наметна како стабилен тим на средината на табелата. Кристал Палас е предводен од легендата на Арсенал и поранешен капитен Патрик Виеира. Во северен Лондон во овој преоден рок пристигнаа Габриел Жесус и Александар Зинченко од Манчестер сити, како и талентираниот Фабио Вијера од Порто.

Саботната програма на островот ќе ја отворат Фулам и Ливерпул од 13.30 часот. Фулам се враќа во Премиер лигата, на гол-линијата се засили со Бернд Лено, а сезонава ќе ги предводи српскиот репрезентативец Александар Митровиќ, кој минатата сезона постигна 43 гола во Чемпионшип.

Ливерпул како и изминатите години е главен фаворит за титулата заедно со Манчестер сити, а ослабен влегува во трката сезонава за Садио Мане кој го засили Баерн Минхен. Како негова замена беше ангажиран Дарвин Нуњез, кој минатата сезона во португалска Бенфика постигна 34 гола на 41 натпревар. „Црвените“ го совладаа Сити во Комјунити Шилд претходниот викенд и го освоија првиот трофеј во новата сезона.

Истиот ден од 16:00 часот на програмата се натпреварите Лидс – Вулверхемптон, Њукасл – Нотингем Форест, Тотенхем – Саутемптон и Борнмут – Астон Вила. Лидс преживеа две сезони во највисокиот ранг, додека Вулверхемптон е еден од најстабилните тимови во Англија во последните години.

Њукасл влегува самоуверено, а во првото коло ќе игра против гигантот на англискиот и европскиот фудбал, Нотингем Форест, кој се врати во елитата по 23 години. Евертон и Челси ќе ја затворат утрешната програма, а почетокот на овој дуел е закажан за 18 часот и 30 минути.

Тие тимови минаа низ турбулентен период во вториот дел од минатата сезона, Евертон се бореше за опстанок до самиот крај, а Челси имаше неизвесности поради ситуацијата со долгогодишниот сопственик, рускиот тајкун Роман Абрамович. И покрај ова, Челси играше добро до крајот на сезоната, а летниот преоден рок го одбележа заминувањето на Ридигер, кој беше заменет со Кулибали, најголемото засилување во последните години, Рахим Стерлинг, како и доаѓањето на Кукуреља кој наскоро треба да се официјализира.

В недела од 15 часот ќе играат Лестер – Брентфорд и Манчестер јунајтед – Брајтон, а од 17:30 Вест Хем го пречекува актуелниот шампион Манчестер сити. Манчестер јунајтед се засили со Ериксен, а со оглед на тоа што се уште трае преодниот рок, неизвесна е ситуацијата со најголемата ѕвезда на тимот Кристијано Роналдо, чиј престој посакува стратегот на „црвените ѓаволи“, Ерик Тен Хаг.

„Граѓаните“ во новата сезона влегуваат засилени со еден од најдобрите напаѓачи во Европа, Ерлинг Халанд, па оваа сезона може да очекуваме атрактивен фудбал, многу голови и борба за трофеи во сите натпреварувања. Минатата сезона од Премиер лигата испаднаа Барнли, Вотфорд и Норвич, а на нивно место дојдоа Фулам, Борнмут и Нотингем Форест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот