Денес ќе го добиеме новиот шампион во Формула 1 – Макс Ферстапен нема што да изгуби и мора да биде спор
Денес ќе го добиеме новиот шампион во Формула 1 за сезоната 2025.
Препорачано
На половина од шампионатот изгледаше дека борбата за титулата ќе биде само меѓу двајца – Ландо Норис и Оскар Пјастри. Двајцата се менуваа на водечите позиции, додека Макс Ферстапен повремено се вмешуваше меѓу нив или остануваше зад нив.
Но токму неговата домашна трка се покажа како пресвртна точка. Таму заврши втор, а една недела подоцна во Италија испрати јасна порака дека сè уште е жив во битката за титулата. Оскар Пјастри од тогаш тоне во форма и не победил од Зандворт, додека Ландо Норис стана жртва на сопствени грешки, но уште повеќе на грешките на Мекларен. Сето тоа Макс Ферстапен го искористи на совршен начин.
Денес имаме трка во тројка, иако шансите Оскар Пјастри да стигне до титулата се најмали. Сепак, ништо не е невозможно – нешто што одамна не сме го виделе во последните кругови на една сезона во Формула 1.
Со вчерашната пол-позиција, Ферстапен има 12 бодови помалку од Ландо Норис, а четири повеќе од Пјастри.
ТАКТИЧКО НАДМУДРУВАЊЕ
Макс Ферстапен денес нема да треба само да ја победи трката. Ќе мора да калкулира – и тоа многу. Всушност, ќе мора да биде поспор. Првите свиоци во Абу Даби често се место на инциденти, а Холанѓанецот токму на тоа смета. Неговата идеја ќе биде да ги забави болидите зад себе за остатокот од гридот да се доближи до Ландо Норис и потенцијално да предизвика притисок или дури контакт.
Ландо Норис очекува такво сценарио. Рече дека размислува за секоја можност и дека единственото што може да го контролира се неговите нерви. Ќе мора да биде трпелив и концентриран. Ситуацијата за него би можела да наликува на сцена од „Mario Kart“, каде возачот пред вас остава замки.
Макс Ферстапен влегува во оваа трка каде што нема што да загуби – што е најопасната варијанта за Ландо.
Оскар Пјастри може да се надева дека двајцата ривали ќе бидат елиминирани, а нему пласман меѓу првите два ќе му ја донесе титулата. И тоа не е невозможен расплет.


