Денарот останува стабилен, не се очекува притисок врз девизните резерви

Фото: МИА

Денарот останува стабилен, а во следниот период не се очекуваат притисоци врз девизните резерви. Здравоста на банкарскиот систем е зачувана, при што капитализираноста е соодветна и стабилна, додека нефункционалните кредити остануваат на ниско ниво. Ова се наведува во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс”, во кој се потврдува кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед.

Агенцијата посочува на поволните трендови кај девизните резерви, коишто на крајот на 2022 година достигнаа 3,9 милијарди евра. Како што констатираат од „Стандард и Пурс”, во изминатите месеци цените на енергентите се стабилизираат, па оттаму не се очекуваат позначајни притисоци врз девизните резерви во текот на годината преку овој канал. Дополнително, според нивните очекувања, резервите ќе продолжат да растат, при очекувано стеснување на дефицитот на тековната сметка и финансиски приливи преку директни инвестиции и одредени должнички текови. Девизниот курс останува стабилен, и промени во курсот на денарот, не се очекуваат.

Од „Стандард и Пурс” во извештајот за кредитниот рејтинг за земјава, наведуваат дека за разлика од други земји во регионот, врските на финансискиот сектор на домашната економија со Русија се мали, со што изостануваат директни негативни преносни ефекти за домашниот банкарски систем од кризата. Во поглед на банкарскиот сектор, Агенцијата ја потенцира неговата стабилност, во услови кога нефункционалните кредити остануваат ниски, на ниво од 3,2 отсто, додека стапката на капитализираност на банкарскиот сектор е соодветна и стабилна и изнесува 17,7 проценти.

Во рамки на извештајот, се истакнуваат мерките кои Народната банка ги презема, во однос на ликвидноста, промените во каматната политика и во задолжителната резерва, како и макропрудентните мерки. Притоа се нагласува нивната улога за стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања, поддршка на процесот на денаризација на економијата, како и за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот