Денарчиња не менуваат на секој банкарски шалтер, но има места каде им се радуваат
Народната банка врши замена на сите ковани пари за книжни пари без наплата на надоместок. Единствен услов за замена е кованите пари да бидат селектирани, одвоени по апоени.
Една од методите за учење на штедење што ја промовираат банките е собирање ситни пари во касичка. Многу пати на Денот на штедењето, се промовира и детското штедење и на подарок се дават каси-прасиња. Касите вообичаено се полнат цела година со денарчиња, за да во летните денови парите „излезат на сонце“.
Препорачано
Но, што со толкав куп на денарчиња? Каде може да се сменат? Од Народната банка велат дека банките сами одлучуваат за смената на ситните ковани пари.
– Согласно со важечката регулатива сите контакти со правните и физичките лица, поврзани со работењето со готовина го вршат овластените банки под услови кои ги носат нивните органи на управување – објаснија од Народната банка за „Слободен печат“.
Но, оттаму посочуваат дека Народната банка врши замена на сите ковани пари за книжни пари без наплата на надоместок. Единствен услов за замена е кованите пари да бидат селектирани, одвоени по апоени.
Еден од банкарите ни откри една „финта“: да се дадат ковани пари на банкарскиот шалтер и да се побара парите да се префрлат на личната сметка. Сепак, оваа досетка нема да профункционира секаде.
– Со оглед на тоа што за размена, пребројување, контрола и селекција на кованите пари е потребна соодветна опрема, вообичаено ваквите услуги банките ги нудат во своите централи и поретко во некои од експозитурите – објаснија од Народната банка.
Од Комерцијална банка за „Слободен печат“ велат дека можноста за обработка на ковани пари зависи од количината и моментално расположливите ресурси.
– Доколку станува збор за поголема количина ковани пари, пребројување се врши со помош на машини за таа намена, кои ги има на повеќе локации на Банката. Затоа нашите клиенти вообичаено се најавуваат во експозитурата во која сакаат да ја добијат оваа услуга, како и за да ги депонираат парите на нивната платежна сметка во исто време. Контакт податоците за нашите локации се јавно достапни на веб страницата на Банката, kb.mk – велат од Комерцијална банка.
Од Шпаркасе ни изјавија дека замената на ситни пари ја прават во сите експозитури.
– Приемот и размената на ситни ковани пари зависи од деловната политика на секоја банка, но во Шпаркасе Банка тоа е апсолутно возможно. Особено кога станува збор за „пари од касичка“, ние го гледаме тоа како позитивен и мотивирачки чин. Имаме силен фокус на финансиска едукација и го поттикнуваме штедењето од најрана возраст, како и дисциплината кон личните финансии. Во нашите експозитури секогаш размената или уплатата на кованите пари ја вршиме на начин кој е најудобен за клиентот – велат од Шпаркасе.
И во Халкбанк веат дека секогаш се прифаќаат ситните ковани пари, било за менување, или за уплата.
– Халкбанк за износ до 5.000 денари кованици, не наплаќа провизија. За износ над 5.000 денари се наплаќа согласно тарифата на банката – велат од Банката.
За разлика од банките, каде што ова сепак им е плус работа, во повеќе маркети ќе ги прифатат ситните пари со радост. Во првиот маркет што отидовме ни кажаа дека ситните пари им се добредојдени, само да дојдеме порано додека нема многу народ на касите. Не замолија и да ги селектираме, за да не се случи застој на касата.
– Ние секогаш имаме потреба од ситни пари. Затоа, без проблем ќе ви ги смениме – велат од маркетот.
Особен инетерс за „ситнежот“ покажуваат мали продавнички кој и не работат со картички.
– Секогаш имаме потреба од ситни пари, затоа што постојано има да се врати по некој денар на купувачот. Со колку ситни пари и да се снабдиме, ни се случува во текот на денот да бидеме во тесно – ни рекоа во една продавница во Старата скопска чаршија.
Согласно со законската и подзаконската регулатива на Народната банка, банките и центрите за готовина се должни да ја проверуваат автентичноста и соодветноста на парите за оптек. За таа цел во оваа техничка процедура е дефинирана постапката на Народната банка за вршење проверка на начинот на работа на машините за обработка на книжните и кованите пари кои ги користат банките и центрите за готовина при контрола на количината, автентичноста и соодветноста за повторно пуштање во оптек на книжните и кованите пари.
Според компонентите на паричната маса, во оптек се околу 57 милијарди денари готови пари од вкупно речиси 600 милијарди денари.


