Демири: Вардар е силен, но и мотивација за Работнички да одигра најдобро што може
Работнички е во незавидна позиција, претпоследен на табелата во Првата македонска фудбалска лига со само седум освоени бодови. А и пролетниот старт не беше според посакувањата на тренерот на „Романтичарите“, Муарем Муарем. Тимот од Дебар Маало загуби на гостувањето против Пелистер во Битола со 4:1.
Препорачано
Вториот предизвик е уште поголем, Работнички денеска го пречекува лидерот на табелата во шампионатот, Вардар кој моментно има 45 бодови:
– Продолжуваме да се бориме и на секој нареден натпревар ќе даваме максимум за да ја оствариме целта. Позицијата на табелата јасно ни налага дека ни се потребни бодови и ќе сториме сѐ да ги освоиме. Вардар е лидер на табелата, има одлична екипа, но тоа треба да биде и мотивација повеќе за нас да одиграме најдобро што можеме – вели капитенот на Работнички, Бесир Демири.
Натпреварот меѓу Работнички и Вардар ќе се игра на стадионот на ФФМ, со почеток од 13.00 часот.
Вардар сака да продолжи во победнички стил, потсетување, на стадионот на ФФМ, пред три дена имаше одлично издание против Арсими (5:1). Играчот за врска, Димитар Тодоровски, очекува нова добра претстава од својот тим и триумф, иако секогаш има посебни емоции кога игра против Работнички.
– Секако дека кога играм против мојот некогашен клуб буди некакви емоции. Во Работнички пораснав, што се вели, тој клуб има огромен удел во мојот фудбалски развој. Сепак, сега сум дел од Вардар, а тоа значи само едно. Респект кон секого, но Вардар оди секогаш и на секој меч на победа. Убаво е да се негува таа традиција на градско дерби. Работнички е во неповолна позиција на табелата во моментов, но тоа апсолутно не го менува нашиот пристап за овој дуел. Одиме максимално по трите бода, за да го продолжиме позитивниот тренд од првото пролетно коло и победата против Арсими – рече Тодоровски.


