Дела на Ван Гог, Моне и Гоген под истрага: Швајцарски музеј отстрани слики од изложба поради сомневање дека се украдени од нацисти

Фото: ARND WIEGMANN / AFP / Profimedia

Швајцарскиот музеј „Кунстхаус“ во Цирих објави дека ќе отстрани пет слики од една од изложбите, додека трае истрагата дали овие дела некогаш биле украдени од нацистите. Уметничките дела кои се под истрага вклучуваат слики од светски познатите сликари Клод Моне, Винсент Ван Гог и Пол Гоген, пишува Би-би-си.

Како што е наведено, долго време има сомнежи за потеклото на делата во колекцијата на Емил Бурле, именувана по трговецот со оружје кој своето богатство го заработил за време на Втората светска војна правејќи и продавајќи оружје на нацистите.

Одлуката да се отстранат сликите дојде по објавувањето на новите упатства насочени кон враќање на уметничките дела на семејствата од кои се украдени. Управниот одбор на фондацијата во соопштение наведе дека е „посветен да бара правично решение за овие дела со законските наследници на поранешните сопственици“.

Фондацијата истакна дека шестото дело од колекцијата, „Млада жена во ориентална облека“ (La Sultane) од Едуар Мане, ќе се разгледува посебно и дека овие упатства не важат за оваа слика.

Се додава дека фондацијата е подготвена да понуди финансиска сума на имотот на првичниот сопственик на  оваа слика, Макс Силберберг, еврејски индустријалец од Германија, чија колекција нацистите ја продале на принудни аукции. Се верува дека е убиен во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц, а се дебатира дали бил принуден да го продаде делото на Мане или тоа го направил од лични причини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот