Дехари за секс скандалот: Оркестрирана кампања за Кичево да го земе кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ
Партиите бараат итна реакција од институциите и организациите, од Јавното обвинителство кое треба и мора да го провери овој случај, дали бил изолиран или пак станува збор за начин на делување на Дехари, па се до Народниот правобранител и сите организации кои ги застапуваат и штитат правата на жените.
Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари обвини дека против него се води оркестрирана кампања за да се наруши неговиот личен интегритет и политички имиџ и за да се фаворизира кандидатот за градоначалник на Кичево од ВМРО-ДПМНЕ, откако на социјалните мрежи беа споделени аудиоснимки во кои се слуша дека тој сексуално злоставува вработени во Општината. Дехари како што соопшти веќе презел законски чекори за разјаснување на скандалот. Партиите пак, бараат морална, политичка и кривична одговорност од кичевскиот градоначалник.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Во последните денови се соочувам со кампања на ниско ниво на уцена и манипулација, која има за цел да го наруши мојот личен и политички имиџ. Оваа кампања користи измислени и целосно невистинити материјали, кои го нарушуваат мојот приватен живот и се обидуваат да ги уништат односите со луѓе блиски до мене и со граѓани кои ме познаваат со години – вели Дехари.
Според него, не е случајно што сето ова се случува во пресрет на изборите бидејќи наводниот скандал е со цел да ги деморализира неговите поддржувачи и да ја „фаворизираат ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот кандидат, во обид да го земат Кичево преку клевети и манипулации“.

-Овие дејствија се оркестрирани со јасни политички и лични мотиви. Нема да дозволам клевети, измислици или притисок од каков било облик да ме спречат посветено да им служам на граѓаните на Кичево. Ги презедов сите потребни законски чекори за целосно разјаснување на овој случај и за заштита на моето достоинство, моето семејство и институцијата што ја претставувам – соопшти Дехари и додаде дека со достоинство и смиреност, продолжува да работи за Кичево.
Од друга страна не стивнуваат партиските реакции за скандалот. Според Вреди, скандалот ја потресе јавноста во Кичево и пошироко и ја открил црната страна на политичката култура којашто две децении произведува срам наместо одговорност.
-Обидите ова да се прикаже како „уценa“ или да се релативизира со тврдења за „фабрикувани материјали“ не можат да ја сменат фактичката состојба, штетата врз јавниот морал и довербата на граѓаните веќе е направена. Јавноста нема потреба од експертизи за да разбере што е достојно, а што не е за еден јавен претставник – велат од Вреди.
Според Вреди, продолжувањето на кандидатурата не е веќе прашање на изборна трка, туку прашање на морал.
-Во интерес на граѓаните и на изборниот процес, кандидатот на НАИ треба веднаш да се повлече. Кичево заслужува луѓе со достоинство, а не со скандали – велат од Вреди.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека снимките кои излегоа во јавноста, на кои јасно се гледа односот на градоначалникот Дехари, кон жени вработени во oпштината, претставуваат скандал и срам за државата.
-Навредите, понижувањето и злоупотребата на службената позиција се однесување кое не му доликува на човек, а уште помалку на градоначалник. Наместо пример на чесност и одговорност, гледаме ароганција, непочит и злоупотреба на моќта -рече на прес конференција Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека бараат итна реакција од сите надлежни институции и организации, од Јавното обвинителство кое треба и мора да го провери овој случај, дали бил изолиран или пак станува збор за начин на делување на Дехари, па се до Народниот правобранител и сите организации кои ги застапуваат и штитат правата на жените.
-Овде нема простор за молк, ова е чин за осуда и санкционирање. Секој кој ја злоупотребува својата функција за навредување и вознемирување на своите вработени мора да сноси кривична, но и морална одговорност. Дехари со ваквото однесување ја изгуби секоја доверба, градоначалник кој покажал такво непочитување кон жените и институцијата што ја води, не ја заслужува довербата на граѓаните – рече Митева.

Осуда и одговорност побараа и од Антифашистичкиот фронт на жените, АФЖ – Левица.
-Аудио-снимките што излегоа во јавност, на кои се слуша како Дехари сексуално малтретира и понижува вработени жени во Општината, се доказ за системска злоупотреба на моќ и родово насилство на работно место, а тоа е нешто што заслужува и кривична одговорност, не само – политичка оставка!Ниту една жена не треба да биде предмет на понижување, заплашување или сексуално изживување, особено не од страна на функционер платен со парите на граѓаните. Ова е скандал преку злоупотреба на функција, полов мобинг и родово засновано насилство- велат од Левица.


