Давкова – Пелегрини: Одложувањето на евроинтеграцијата поради политички игри е опасно
Вашата земја веќе 20 години е дел од пристапните преговори и донела многу тешки одлуки, а сè уште нема одговор на прашањето кога ќе стане полноправна членка – рече Пелегрини
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска беше домаќинка на претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на земјава.
Препорачано
На заедничката прес-конференција, Сиљановска-Давкова истакна дека е охрабрувачки кога претседател на земја-членка на ЕУ отворено ја поддржува македонската европска перспектива.

„Нема подобро чувство од тоа да видите како претседател на земја членка на ЕУ ви изразува јасна поддршка на европскиот пат. Ме радува што обајцата делиме став дека проширувањето мора да се темели на Копенхашките критериуми, од кои не треба да бегаме,“ изјави таа.
Таа подвлече дека евроинтегративниот процес мора да биде заснован на заслуги и резултати, а не на дополнителни и ирационални политички условувања.
„Свесна сум за актуелната геополитичка и безбедносна состојба на европскиот континент и ризикот од создавање политички вакуум што може да биде искористен од трети страни. Токму тоа му го предочив на претседателот на Словачка – дека не постои празен политички простор. Најдоброто решение за спречување таков вакуум е нашата реинтеграција во ЕУ, со јасни гаранции дека таму ни е местото“, изјави претседателката.
Сиљановска-Давкова нагласи и дека надворешната и безбедносната политика на Македонија е целосно усогласена со таа на ЕУ, и дека земјата активно придонесува за колективната и регионалната безбедност.

Претседателот Пелегрини го повтори ставот дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е начин за зацврстување на европската стабилност.
„Навистина минавте тежок пат. Знам колку беше тешко да се реши прашањето за името. Ќе бидам искрен – ЕУ прави голема грешка со тоа што постојано поставува нови услови. Вашата земја веќе 20 години е дел од пристапните преговори и донела многу тешки одлуки, а сè уште нема одговор на прашањето кога ќе стане полноправна членка,“ рече Пелегрини.
Тој предупреди дека одложувањето на интеграцијата поради политички игри на поединечни членки на ЕУ е опасно и дека може да има долгорочни негативни последици.
„ЕУ не смее да го злоупотребува пристапниот процес на вашата земја заради сопствени внатрешни прашања. Тоа е сериозна политичка грешка. Земји како вашата имаат капацитет да ги спроведуваат реформите и да напредуваат поглавје по поглавје. Процесот на проширување мора да се базира на техничка подготвеност, а не на геополитички калкулации,“ додаде словачкиот претседател.
Во врска со можниот рок за пристапување на земјата во ЕУ до 2030 година, Пелегрини изјави дека тоа е амбициозна, но реалистична цел, ако постои политичка волја и фер пристап од страна на ЕУ.


