Данската премиерка Мете Фредриксен-ЕПА

Данска удри по мигрантите – новиот закон ги менува правилата на игра

Данска денеска најави закон што ќе овозможи протерување на поголем број странски државјани, вклучително и криминалци, и покрај можниот правен судир со Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), објави Ројтерс.

Во услови на сè построги ставови за прашањата поврзани со азилот и миграциите ширум светот, повеќе европски влади, меѓу кои и Данска, изразија фрустрација од начинот на кој Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со седиште во Стразбур често ги блокира депортациите.

Данската премиерка Мете Фредериксен денеска изјави дека нејзината коалициска влада од десниот центар ќе дејствува, наместо да чека судот да го промени своето толкување на Европската конвенција за човекови права кога станува збор за имиграцијата.

„Некои можеби ќе сметаат дека со ова ја кршиме конвенцијата. Ние тоа го гледаме поинаку“, рече таа на прес-конференција.

Фредериксен е под притисок на националистичките и противимигрантските партии, чија поддршка расте во пресрет на изборите што ќе се одржат најдоцна до 31 октомври.

„Бидејќи мнозинството земји што ја поддржуваат конвенцијата ја делат желбата на Данска да се промени нејзината интерпретација, ние сега дополнително ги заоструваме правилата“, додаде премиерката, признавајќи дека тоа би можело да доведе до правни спорови.

Се воведува и електронски надзор

Данска особено ги критикуваше пресудите на ЕСЧП со кои беа запрени депортации поради семејни врски.

Доколку бидат одобрени, предложените реформи ќе стапат на сила на 1 мај и ќе ја олеснат депортацијата на странски државјани осудени на една година затвор или повеќе за тешки кривични дела.

Другите планови вклучуваат воведување електронски надзор за лица без дозвола за престој кои нема да се пријавуваат согласно правилата, повторно отворање на данската амбасада во Сирија, од каде што доаѓаат многу мигранти, како и именување пратеник задолжен за депортации.

Копенхаген, исто така, има намера да го разгледа отворањето на првиот центар на Европската унија надвор од блокот за прием на мигранти, како и да ги интензивира проверките на дозволите за престој издадени на бегалци за да утврди дали треба да бидат укинати.

Поддршката за данската влада, според анкетите, се зголемила поради начинот на кој управувала со тензиите поврзани со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да го преземе Гренланд.

Данска доделила 839 азили

Сепак, таа поддршка сè уште е пониска од онаа што ја имала пред изборите во 2022 година.

Социјалдемократката Фредериксен зазеде поцврст став кон имиграцијата кога стана премиерка во 2019 година, а истото го направија и другите две партии од владејачката коалиција.

Данска, која има околу шест милиони жители, доделила 839 азили во првите 11 месеци од 2025 година, а помалку од 1.000 барања за азил годишно биле одобрени само трипати од 1983 година наваму.

Поголемиот дел од барателите на азил во последните години доаѓаат од Сирија, Авганистан, Еритреја и Сомалија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот