Дани искрено за поранешниот сопруг: „Уште го носам неговото презиме“
Дани Димитровска отворено прозборе за својот поранешен сопруг Јоцо, со кого го има 25-годишниот син Лазар.
Препорачано
Нивниот брак траел кратко, околу 3-4 години, а она што е специфично е што пејачката уште го носи презимето на поранешниот сопруг.
„Беше тоа многу спонтано, без никакви планови и идеологии, верувања. Се случи и беше преубаво искуство, искрено. Како вчера да беше, иако има 25 години оттогаш“, рече Дани во емисијата „Животна приказна“ на Македонската телевизија.
На прашањето на водителката Здравкица Милиќ дали разводот го смета за нејзин најголем личен неуспех или како едно убаво искуство, бидејќи сепак има дете од таа врска, пејачката одговори:
„Никогаш не го ставив тоа во рамки. Едноставно, супер што се случи, супер е и што не е повеќе така. Само размислував дека од оваа конекција го имам Лазар. И тоа е едно најдобро искуство, најубаво што ми се случило. Јас мислам дека сум една од ретките жени која сè уште го има презимето на сопругот. Јас не го сменив, не го вратив моето моминско презиме. Јас сум Димитровска по Јоцо презимето, но останав Димитровска не поради таа конекција, поради брачната состојба, туку за да го делам презимето со мојот син. За да имаме исто презиме. Затоа што не ми значат многу тие потписи, но имам чувство дека понатаму во животот ќе ми значи да имам исто презиме со мојот син. Како институција“, рече Дани.
Нејзиниот син Лазар живее во Холандија, каде што магистрираше и работи, а таа рече дека самата сакала да се школува во друга држава за да се осамостои.
„Јас го терав да отиде, да се осамостои и да живее малку сам. Тоа беше моја желба. Јас вистински сакав да отиде во друга држава и да зависи од самиот себе. Посакував за него да стане независен. Далеку од мене. Го прифатив тоа уште многу одамна. За негово добро. Јас сметам дека ние како родители имаме само една обврска, а тоа е да ги оспособиме нашите деца, да ги научиме од сопствените искуства, да ги оспособиме и да ги пуштиме да живеат. За мене е тоа родител, а не да ги држиме до себе исклучиво“.
Во септември лани, Дани се омажи за својот долгогодишен партнер Горан Веселиновски – Весел, кој е поранешен кошаркар. Пејачката рече дека од почетокот знаела дека ќе останат заедно.
ФОТО | Дани на меден месец: На сончевата Малта ужива со саканиот


