Данела во лер, Мицкоски во петта

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

ВМРО-ДПМНЕ не излезе со свој кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори и сестрано ја поддржа независната Арсовска. Па сега нека „сркаат што си дробеле“ – нека работат барабар со неа, нека набавуваат автобуси и нека отстрануваат технички грешки. За доброто на народот.

Кој е градоначалник на Скопје? Данела Арсовска или Христијан Мицкоски? Или заеднички раководат со градот?

Таа, официјално избраната на локалните избори, си молчи и ретко кажува со што се занимава градското раководство, а кога ќе се огласи, најчесто го критикува својот претходник и наоѓа грешки за сѐ што направил во неговиот мандат. Вели дека ако не се слика, не значи дека не работи. Така е. Но, тогаш делата треба да говорат повеќе од сликите, односно од зборовите. А дела нема! Или нив ги гледаат само најверните поддржувачи, кои викаат „ура“ на секое појавување на Данела.

Она што другите скопјани можат да го видат е дека веќе петти месец ништо особено не се случува во градот. Кој не верува, нека ја отвори веб-страницата на Град Скопје и нека ги погледне нивните известувања до граѓаните. Гола вода, што би се рекло народски! Или се пуштаат соопштенија за тоа што прават јавните претпријатија (колку возила подигнал „пајакот“, колку луѓе се возеле со жичница, колкумина се паркирале на Водно и слична статистика) или се „цитираат“ зборови на градоначалничката од гостувања по телевизиите.

Она што се памети од нејзините изјави е дека, не дај боже, ќе ни се урне Универзална сала врз глава поради пропусти во проектот за нејзина реконструкција, дека бесплатните автобуси ќе „причекаат“ и дека нема да се воведува БРТ, односно брз автобуски превоз во Скопје. Штетен бил, носел ризици со себе и независно од тоа што проектот се подготвуваше три години и што во него беа вклучени домашни и странски експерти, што беа обезбедени пари од ЕБОР, градоначалничката и нејзиниот тим за кусо време ги увидоа сите негови мани и проектот беше стопиран. Но, кога се ветуваше бесплатен превоз и 250 нови еколошки автобуси, Арсовска не откри до колку е ЈСП загубар. Многу интересно!

Сега, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека проектот БРТ не е напуштен,  туку грешките технички ги коригирале. Одглавуваат, како што вели, таму кај што заглавил Петре Шилегов. Тврди дека ниеден проект нема да се стопира. Притоа Мицкоски, како вистински градоначалник, си најави дека е распишан тендер за реконструкција на 11 булевари што треба да заврши до крајот на месецов, прецизно набројуваше и други идни зафати низ Скопје, а неодамна најави и дека преговара за набавка на 100 електрични автобуси. Па, во својот типично поетски стил праша дали е грев тоа што сакаат да го подобрат комфорот и квалитетот на животот на скопјани, квалитетот на воздухот и дали е грев да одат по светот и да бараат инвеститори што ќе отворат фабрика за автобуси во Македонија.

Не е грев, секако! Грев е што ова не си го работи оној што е избран и што го вети тоа.

ВМРО-ДПМНЕ не излезе со свој кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори и сестрано ја поддржа независната Арсовска. Па сега нека „сркаат што си дробеле“ – нека работат барабар со неа, нека набавуваат автобуси и нека отстрануваат технички грешки. За доброто на народот. Патем, би било убаво Град Скопје да објави барем 10 од оние 1.300 проблеми на скопјани што за три месеци ги решиле преку електронската адреса за комуникација со граѓаните [email protected]. Информираа дека најмногу граѓани на овој имејл пријавиле барања за поставување заштитни столпчиња на тротоарите, за чистење диви депонии, проблеми со улични кучиња, за возниот ред на автобусите и уличното осветлување низ градот. И од Градот решавале во просек по 433 месечно, односно по 14 дневно! Исто како што се исчистија над 150 диви депонии за 82 дена. Ама никогаш не дознавме на кои локации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот