Дали самиот Реган си го следел советот за царините?
Откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од трговските разговори со Канада, разгневен поради, како што ја нарече, „лажната“ телевизиска реклама на владата на Онтарио што цитирала изјава на Роналд Реган од пред 38 години, се отвори прашањето — дали самиот Реган го следел советот против царините, имајќи предвид дека само една недела пред тој говор, во време на стравови од јапонската економска експанзија, вовел царини на јапонски полупроводници и подоцна се обидел да ја оправда одлуката спротивна на неговата репутација на „слободен трговец“.
Препорачано
Спорната рекламата на владата во Онтарио вклучува аудиозапис од радио обраќање на Реган од 25 април 1987 година, во кое тој рекол:
„На долг рок, таквите трговски бариери им штетат на секој американски работник и потрошувач“.
Трамп во петокот на неговата социјална платформа „Трут сошал“ реагираше со порака:
„Канада измами и беше фатена!!! Лажно објавија голема реклама тврдејќи дека Роналд Реган не ги сакал царините, иако тој, всушност, ги сакаше царините заради националната безбедност на нашата земја!“
Фондацијата и Институтот на Роналд Реган ја осудија рекламата на платформата Икс, соопштувајќи дека таа „погрешно го прикажува радио-обраќањето ‘За слободна и фер трговија’ од 25 април 1987 година“.
Трамп најави царини од 35 проценти за увоз од Канада и официјално писмо до ЕУ
Иако Трамп ја нарече рекламата „лажна“, зборовите на Реган биле вистински, но исклучени од контекст.
Контекстот зад изјавата на Реган
Во тоа време Реган се соочувал со стравови дека Јапонија станува економска суперсила и само една недела пред обраќањето тој самиот вовел царини на јапонски полупроводници. Со говорот се обидел да ја објасни одлуката, која изгледала во спротивност со неговата репутација на „слободен трговец“.
Реган, всушност, не бил љубител на царини. Честопати ги критикувал владините политики — вклучително и протекционизмот — што ја ограничуваат слободната трговија.
Во истото радио обраќање тој рекол:
„Високите царини неизбежно предизвикуваат одмазда од странски земји и поттикнуваат жестоки трговски војни. Резултатот е повеќе царини, повисоки бариери и сè помала конкуренција. Пазарите се стеснуваат и пропаѓаат, бизнисите затвораат, а милиони луѓе ги губат своите работни места“.
Но, неговата практична политика била посложена. Покрај царините на полупроводници, Реган вовел даноци на јапонски мотори за да ја заштити компанијата „Харли-Дејвидсон“, ги притискал јапонските автомобилски компании да ги ограничат извозите во САД, а потоа тие отворале фабрики во американскиот Среден Запад.
Тој вршел и притисок врз други земји да ја девалвираат својата валута за да се зголеми конкурентноста на американскиот извоз.
Според поранешниот негов соработник Роберт Лајтхајзер, кој подоцна беше трговски претставник на Трамп, Реган „правел разлика меѓу слободна трговија во теорија и во пракса“.
Во 1988 година, либертаријански аналитичар дури го нарекол Реган „најпротекционистички претседател по Хувер“.
Трамп не се воздржува како Реган
За разлика од Реган, Трамп нема таква воздржаност. Тој тврди дека царините можат да ја заштитат американската индустрија, да го вратат производството во земјата и да донесат пари во државниот буџет.
Откако повторно стана претседател во јануари, тој воведе двоцифрени царини речиси за сите земји во светот, таргетирајќи индустрии за автомобили, челик, фармацевтски производи и за тешки камиони.
Просечната американска царинска стапка пораснала од 2,5 отсто на почетокот на 2025 година на 18 отсто, што е највисоко ниво од 1934 година.
Трамп, кој гордо се нарекува „Човекот на царините“, сега се соочува со тужби од компании и од држави кои тврдат дека ја надминал својата уставна власт. Уставот му дава на Конгресот право да воведува даноци и царини, но со текот на времето Конгресот му пренел голем дел од таа надлежност на извршната власт.
Врховниот суд на САД треба да ги разгледа овие прашања на почетокот на следниот месец.
Трамп тврдеше дека канадската реклама имала цел „да влијае врз одлуката на Врховниот суд и други судови“.


