Плутон - Фото: Flickr

Дали Плутон повторно ќе стане планета? Повторно се отвора старата научна дебата

Речиси две децении откако со научен консензус беше отстранет од листата на планети во Сончевиот систем, Плутон повторно е во фокусот на вниманието.

На неодамнешно сослушување во Сенатот посветено на буџетското барање на НАСА за 2027 година, администраторот Џаред Ајзакман даде изјава со која повторно се отвори прашањето што многумина научници го сметаа за затворено – дали Плутон треба повторно да биде класифициран како планета, пренесува „Еуроњуз“.

Од неговото откривање во 1930 година, Плутон се сметаше за деветта планета во Сончевиот систем. Сепак, тоа се промени во 2006 година кога Меѓународната астрономска унија воведе прецизна дефиниција за тоа што претставува планета.

Според тие правила, едно небесно тело мора да исполни три услови: да кружи околу Сонцето, да има доволна маса за сопствената гравитација да го обликува во речиси сферична форма и да ја „исчисти“ својата орбита од други објекти, односно да ја направи својата орбита доминантна, со својата гравитација да ги оттурне или привлече сите други помали објекти во својата околина, така што тие повеќе нема да се движат слободно по истата патека.

Плутон ги исполнува првите два критериуми, но не и третиот. Тој се наоѓа во Кајперовиот појас – регион исполнет со бројни слични ледени тела – поради што нема доволна гравитациска доминација во својата орбита. Токму затоа беше прекласифициран во џуџеста планета.

Прашањето повторно се актуелизираше на крајот од сослушувањето, кога сенаторот Џери Моран ја отвори темата, за него и лично значајна, бидејќи откривачот на Плутон, Клајд Томбо, потекнува од Канзас.

Ајзакман истакна дека во голема мера ги поддржува оние кои се залагаат за враќање на статусот планета на Плутон и додаде дека НАСА подготвува научни трудови со цел повторно да ја поттикне оваа дебата во научната заедница.

Дополнителен интерес за ова прашање се појави и по мисијата „Њу хорајзонс“, која во јули 2015 година испрати први детални снимки одблиску од Плутон. Тие открија изненадувачки сложен свет со планини, глечери од азотен мраз и разновидна геолошка површина, што ги доведе во прашање претходните претстави за ова небесно тело.

И покрај овие откритија, Меѓународната астрономска унија досега не ја преиспита својата одлука од 2006 година.

Засега, Плутон официјално останува џуџеста планета, а дали повторно ќе стане деветта планета во Сончевиот систем ќе зависи од силата на научните аргументи што би можеле да бидат изнесени во наредниот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот