Фото: Фејсбук / Maske padajo

Дали македонските служби го следат профилот што пушта „бомби” за словенечките политичари?

Словенија е во фокусот на европската јавност пред парламентарните избори во земјата, откако во јавноста се појавија аудио и видеоматеријали со сериозни обвинувања за корупција во врвот на власта.

Снимките, објавени преку профилот „Маските паѓаат” („Maske padajo“) предизвикаа политичка бура и отворија прашања за можни дезинформациски кампањи и за странско влијание. Дополнителни сомнежи се појавија откако дел од медиумите објавија дека профилот, преку кој се пласираат содржините, е управуван од Македонија.

Во врска со овие информации, од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за „Слободен печат“ велат дека, поради чувствителноста на податоците, не можат да споделат конкретни детали, но потврдуваат дека преземаат активности во рамките на нивните надлежности.

„Агенцијата за национална безбедност, согласно своите законски надлежности, во изминатиот период реализираше повеќе активности во соработка со други државни органи, во контекст на спречување на влијанија од странски државни и недржавни актери, кои преку пласирање дезинформации поттикнуваат говор на омраза“, наведуваат оттаму, одговарајќи на прашањето дали АНБ соработува со словенечките власти за овој случај.

Од АНБ додаваат дека институцијата останува посветена на следење на ризиците по националната безбедност, преку сопствени капацитети, но и преку соработка со партнерски служби.

Во меѓувреме, словенечките власти проверуваат дали објавените снимки се автентични или станува збор за манипулирани материјали, додека политичката сцена во земјата дополнително се поларизира во пресрет на изборите.

Изминатиот период беа објавени тајни видеа на анонимна веб-страница, кои наводно откриваат корупција во владата, обвинувања што левичарскиот премиер Роберт Голоб ги негира.

Потоа, оваа недела се појави извештај според кој опозицискиот политичар-ветеран Јанез Јанша се сретнал со претставници на израелската приватна разузнавачка компанија „Блек кјуб“, што ги засили стравувањата од странско мешање во изборите. Јанша призна дека се сретнал со советник на компанијата, но негира каква било злоупотреба.

Во меѓувреме, Голоб изјави дека за ова прашање разговарал со други европски лидери. Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот изјави дека е запознаен со, како што рече, „јасно и документирано мешање, дезинформации и влијание од трети земји“ во пресрет на изборите во Словенија.

— Европејците мора апсолутно да се мобилизираат за да ги заштитат нашите демократии од ваков вид мешање — рече Макрон.

Пцовисани животни, тајни снимки и израелски шпиони: Што се случува во Словенија пред изборите?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот